Зимската бајка на OhridNews синоќа ја наполни салата во центарот за култура „Григор Прличев“ до последно место, а публиката имаше несекојдневна можност да ужива во магично патување низ спомените на кои ги навратија безвременските хитови во беспрекорна и полна со емоции изведба на врвните музички уметници Емилија Маринова, Драган Василески (Камелеон), Горан Папаз, Роберт Милески, Јане Тодороски и Филип Стојкоски Зизи.
– Овој настан дефинитивно е најдобар според мене и долго ќе се памети. Квалитетот, од музички апсект, е на едно повисоко ниво бидејќи сите кои се дел од проектот, се навистина талентирани и сето ова го работат со голема љубов“, изјави Филип Стојкоски Зизи.
Настанот успеа да ги воскресне безвременските хитови, чии рефрени уште долго ќе одекнуваат кај охриѓани.
– Посебно ми е драго бидејќи на еден начин ја негуваме традицијата и културата. Пред се, тоа се песни кои некој ги подзаборавил, а ние на еден начин успеавме да ги воскреснеме. Ми е чест и задоволство што сум дел од овој проект“, рече Горан Папаз.
Зимската бајка на едно место ги сплоти сите генерации и покажа уште еднаш дека охриѓани се гладни за културни настани од овој тип.
– Пред се, среќен 10-ти роденден и искрено како медиум, ви посакувам да се множат до бесконечност, бидејќи OhridNews е единствениот медиум кој дава точни, релевантни и проверени информации. Се надевам дека до година ќе имаме и два распродадени концерти, бидејќи ова е нешто што навистина му недостасува на Охрид“, рече Јане Тодороски.
На „Зимската бајка“ фантастично шоу имаше извонредниот стендап комичар Никола Тодороски. Неговиот креативен химор не остави никого рамнодушен, а аплаузот за време на неговиот настап долго одекнуваше во центарот за култура.
– Можам да кажам дека атмосферата е многу убава, што особено ме радува во вакви бурни и турбулентни времиња. Ова е нешто што треба почесто да се случува во овој убав и мил град на УНЕСКО“, изјави охридскиот стенд ап комичар Никола Тодороски.
Зимската бајка и оваа година понуди прекрасен сценски амбиент за што се погрижија Лабино саунд и цвеќара „Бела дизајн“, која изработува креативни декорации за свечени поводи. За светлото и звукот се погрижи повторно Лабино саунд. Настанот го поддржаа ресторан „Park Lake Side“, „Жито леб“, винарија Тиквеш, бутици „Емили“, бензинска пумпа „Моби Петрол“, „Мега продукција“ и фото Емилио, а главен медиумски покровител е OhridNews.
И оваа година на Зимската бајка имаше хуманитарен карактер. Црвениот крст организираше хуманитарна продажба на сувенири, а цвеќарата „Бела дизајн“ во соработка со Mary’s Cookies-Охрид, постави штанд за помош на охриѓанката Јана Арсоска, која се лекува од тешка болест.
ФОТО ГАЛЕРИЈА:
OhridNews
фото Емилио