Опозицијата нема морално право да зборува за Охрид, бидејќи таа ја заглави општината во долгови од над 50 милиони евра, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, на партискиот собир што се одржа денеска во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид.

– Неодамна овде опозицијата имаше настан кога им наредил овој кој сам себеси си зборува дека Господ го зел од нива и го донел да ја ослободи Македонија, што да му прават луѓето кога го слушаат на крај краишта кој сака со господ да се закача, и така си објавуваа работи кои си ги сецкале, монтирале, давајќи им некаков контекст со бомбастична најава која нема никаква врска со реалноста и беа горди што завршиле некаква работа. И тоа не е за џабе, што овој токму во Охрид го објави тоа со господ, човекот е суеверен, има многу цркви во градот и си рекол прво место е да си ја пласирам оваа теза за себе дека господ ме има земено од нивата во Муртино, луѓето тука се големи верници и можеби ќе поверуваат. Бидејќи самиот си верува на тоа. Човек не знае што е поналудничаво кога намерно пласира такво нешто сакајќи да убеди некого во тоа и при тоа тоа го прави за да привлече политички поени, рече Груевски.

Наспроти опозицијата која додека го водеше градот соработуваше со криминалното подземје и го уништи Охрид затворајќи дваесетина фабрики за дваесетина години, ВМРО ДПМНЕ работи, има конкретни дела, нуди проекти и привлекува странски инвестиции кои ќе отворат 2000 работни места во регионот, рече Груевски. Премиерот најави продолжување на автопатот Охрид – Кичево до Гостивар и Струга, реконструкција на голем број регионални патишта, како и изградба на експресниот пат од Охрид до Пештани во вредност од околу 60 милиони евра. 

-Во овој момент интензивно работиме на овој проект, со цел да се спречат сите грижи околу еколошките стандарди. Со Европската банка за обнова и развој договоривме изработка на еколошка студија која ќе ги утврди точните параметри за патот. Сакам да најавам дека со таа еколошка студија која ќе обезбеди еколошка одржливост согласно сите процедури и стандарди, веќе на есен очекуваме и распишување на постапка за избор на изведувач на градежни работи и ако се е во ред согласно планот до крајот на годината ќе  започне изградбата на оваа значајна патна делница која ќе биде од корист за охриѓани, но и столб на развој на туризмот во Охрид и регионот.-додаде Груевски. 

Тој најави дека за неколку месеци ќе започне изградбата на ветениот затворен базен со трибини за 500 гледачи во Охрид, како и реализација на голем број други инфраструктурни проекти во Струга и Кичево.

Груевски се осврна на инцидентот во Гошинце, посочувајќи дека тој претставува сериозна безбедносна закана по државата и не смее да се користи во дневно политички цели. Тој рече дека безбедносните служби ја идентификувале заканата за што ја известиле меѓународната заедница и Косово. Порача дека институциите ќе делуваат решително и нема да дозволат повторување на 2001-та, а од опозицијата побара воздржаност по ова прашање. 

– Сакам да им порачам една работа на сите инволвирани дека ова не е 2001. Институциите ќе дејствуваат решително и одлучно во рамки на своите надлежности, а потпалувачите од петтата колона треба максимално одговорно да се постават во случајот, затоа што ова не е веќе дневна политика, ова е сериозна работа, во прашање е државата. Изјавите на лидерот на опозицијата на неговата последна прес конференција во врска со овој настан ќе ги земам како израз на неговиот капацитет, но и неинформираност, и апелирам на воздржаност, затоа што воопшто не е наивна оваа работа.-истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ го коментираше и инцидентот со новинарот Борјан Јовановски, за кој рече дека е луда конструкција на опозицијата.

-Така провидно и монструзоно е тоа што го направија да човек може само да замисли на што се се подготвени овие луѓе, па уште глумат носат венци пред влада, Заев држи пресконференција, па најавуваат венец на слободата и после ајде сите актерти на честење во Сорос.-рече Груевски.

Од собирот во Охрид на кој присуствуваа симпатизери на партијата од соседните градови и општини, Груевски ги повика општинските комитети да не возвраќаат на провокациите на опозцијата, порачувајќи дека ВМРО ДПМНЕ ќе ја добие оваа битка со нокаут во стилот на Касиус Клеј, по кој, како што рече, политичкиот ривал нема да знае што го снашло.

Пред присутните говореше и пратеникот Антонио Милошоски. Тој рече дека Заев и Црвенковски и покрај обидите не успеале да го разединат ВМРО ДПМНЕ, напротив, придонеле за обединување, охрабрување- да се направат повеќе мерки и да се сработи повеќе од она за што претходно се обврзале. Милошоски додаде дека ВМРО- ДПМНЕ чекор по чекор ги решава сите оние проблеми кои претходно ги создала власта на СДСМ.

– Оние стечајци кои имаат над 50 години ќе можат да извршат откуп на нивниот стаж за да можат да стигнат до својата пензија. Тоа значи дека проблемот кој го создаде СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ го решава. ВМРО- ДПМНЕ го реши и проблемот на земјоделците, како и на сите други кои се засегнати од било какви претходно создадени состојби. Но за жал на некого тоа му смета, токму во моментите кога на државата и тргна, имаме странски инвестиции, рече Милошоски.

На партискиот собир говореше и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој неодамна остварил средба со премиерот Груевски на која се разговарало за реализација на најавените проекти.

Ако некој се уште се сомнева дека Охрид е град во кој се е можно, ако некој се уште се сомнева во моќта на нашите идеали и во силината на нашите капацитети, вашата бројност денес во оваа преполна сала е вашиот одговор, рече Бакрачески.

Тој се осврна на тешката финансиска состојба која го оптоварува работењето на општината. Но не сме денес тука да го колнеме минатото, денес наша грижа мора да биде иднината, додаде Бакрачески.

-Со домаќинско трошење и рамномерна распределба на средствата успеавме да исплатиме над 8 милиони евра обврски по сите основи и да го намалиме апсолутниот долг за над три милиони евра. Инфраструктурните зафати според обемот на работа и вкупната вредност на инвестициите зборуваат за најуспешните две години на било кој мандат.-рече Бакрачески, набројувајќи ги реализираните проекти во градот. 

Меѓу присутните на Народниот собир беа министри, градоначалници, јавни функционери и партиски симпатизери од Охрид, но и од Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Битола, Прилеп и други градови кои допатуваа со автомобили, автобуси и комбиња.

OhridNews