Околу 7000 лица учествуваа во најдолгото македонско оро што денеска се одигра помеѓу Охрид и Струга од левата и десната страна на селото Подмоље.
Организаторите информираа дека не успеале во напорите да постават Гинисов рекорд во најдолго оро во светот, кој е во сопственост на Кина, и изнесува нешто над 17 километри.
„Денеска го направивме тоа што го ветивме, но во помал број од околу 7 илјади учесници. Ние собравме сили да донесеме околу 7000 луѓе, тоа е и голем број на превозни средства. Ги имаше од сите генерации и возрасти, кои играа од сливот на реката Сатеска во Охридското Езеро, до влезот на градот. Орото е видео и фото документирано и ќе биде доставено до Гинис, иако имавме желба да го урнеме рекородот од 17 200 учесници. Но ни беше укажано дека тоа е кинеско оро, а нашето влезе во конкуренција за соборување на оро со 2.500 учесници, бидејќи ние не знаеме да играме кинеско, туку само македонско оро.“ – изјави Насер Хот, советник во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Тој упати јавно извинување до околу 20 000 граѓани на Македонија кои беа заинтересирани да учествуваат во најавеното оро за Гинис и да дојдат во Охрид, но организаторот немал можност сите да ги покани.
Во центарот на Охрид подготвени да учествуваат во најавеното оро за „Гинис“ беа над илјада играорци од земјава, но и од странство, како и заинтересирани граѓани и туристи. Прво поради пропусти во организацијата, тие официјално не учествуваа во подвигот, туку симболично се поврзаа покрај кејто на Охридското Езеро и охридската чаршија, а набрзо се разотидоа.
„Во целата оваа приказна заедно беа и Охрид и Струга и мислам дека е оправдано што орото го изигравме помеѓу двата града. Идеата беше градовите да се спојат, но се играше само на срединa. Тоа што денес официјално орото не се играше во Охрид, не значи дека нема да се игра во иднина.“ – објасни Хот.
И покрај тоа што охриѓани не го видоа најавеното оро за Гинис, уживаа во изведбата на реномираниот ансамбл „Танец“, кој денеска на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“ одржа концерт.
OhridNews