Со пригодна свеченост што се одржа вечерва во организација на Лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид, беше одбележана 100 – годишнината од поставувањето на првата електрична светилка во Охрид од страна на тогашната Австриска војска.


фото: Емил Јовановиќ

По тој повод кај градското пристаниште беше откриено пригодно обележје, а значењето на овој историски момент од минатото на Охрид говореше д-р Никола Митровиќ.

-Овој настан е дел од таканарешената урбана историја на Охрид. Историјатот на првата електрична светилка е интересен. Во првата светска војна австриските војски кои биле стационирани во Охрид во една фабрика во којашто всушност ги репарирале своите оружја електричните погони ги користеле навечер за осветлување и така се создале неколку канделабри со електрично напојување. На тоа место денеска поставуваме обележје во спомен на тој чин, што потврдува дека ние си ја негуваме урбаната историја. Историјата сведочи за многу поделби, но исто така може да се најдат и заеднички нешта кои не поврзуваат, како што е денешниот повод- истакна Митровиќ.


Фото: Архива на Историски архив Охрид


Потсетникот по повод 100 годишнината од првата ел. светилка во Охрид на ЛК Лихнидос

Во Историскиот архив во Охрид, барајќи стари фотографии за пригодна изложба по повод 8-ми Декември (Св. Климент, Патрон на градот), наидов на податок дека пред точно 100 години, 1916 година на градското пристаниште е подигнат првиот електричен фенер во Охрид, од страна на Австриската војска за што постои и фотографија. Тоа го инспирираше Лајонс клубот Лихнидос кој покрена иницијатива на истото место да се подигне фенер и адекватно да се означи со пригодна плоча на македонски и германски јазик, вели проф. д-р Зоран Тунтев, член на ЛК Лихнидос.

-Овој чин го гледам и од аспект на туризмот. Кога ќе дојдат турист од Ацстрија и Германија и ја видат оваа плоча испишана на германски јазик и ќе видат дека негуваме традиција и заедничка историја. Од тој апскет верувам дека туризмот најдобро се продава кога имате приказна и сметам дека Охрид подобро ќе го продава туризмот и ќе биде присутен на туристичката мапа доколку има повеќе вакви приказни. – рече Тунтев.

На свеченоста присуствуваа амбасадорката на Австрија во Република Македонија Ренате Коблер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер, претседателката на градскиот совет Гордана Коњаноска, други официјални лица и гости.

-Пред сто години од практична примена донесено е светло во светиот град Охрид, и луѓето можеле да прошетаат покрај убавото крајбрежје навечер. Прекрасно е да се биде денес тука повторно и да се види Охрид.-истакна амбасадорката на Австрија Ренате Коблер.

– Се прашувам по малку како се чувствувале нашите предци пред 100 години. Денеска можеме да видиме ваква канделабра насекаде, но пред сто години тоа било вистинска реткост и колку би биле тогаш горди доколку би знаеле дека после еден век ќе се зборува за тоа.- истакна претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер.

-Ја поздравувам прекрасната идеја на ЛК Лихнидос да возобнови спомен на еден историски момент. Охрид има 7000 години историја, има многу споменици и спомени кои понекогаш се подзаборавени, а оваа плоча ќе не потсетува на еден од нив.-рече претседателката на градскиот совет Гордана Коњаноска.

Поставувањето на потсетникот по повод 100 години од првата ел.светилка во Охрид е дел активностите на ЛК Лихнидос – Охрид, со кои клубот го одбележува осмиот роденден.

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ