Ехото од делата на големиот светител и учител Св. Климент Охридски силно одекнува низ милениумите. Творецот на првиот универзитет во Европа чија просветителска мисија извира од Охрид од каде се раширила се до Киев и Москва, заслужува не само вербална почит. Наша задача и обврска е да ги почитуваме  вистински неговите дела, истакна градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски во говорот на свечената академија по повод 8-ми Декември, Денот на Св. Климент Охридски, што се одржа вечерва во хотелот „Инекс Горица“.

Свети Климент, два века пред Болоњскиот, го создал Првиот словенски универзитет, од овде до Киев и Московска Русија, прочуената Окридска книжевна школа. Затоа, не само охриѓани, цела Македонија и сиот словенски народ неизмерно многу му должи, а, најдобро и барем малку ќе му со оддолжиме, само доколку и вистински, а не само вербално, му го вратиме вековниот примат на Охрид како духовен, културен и образовен европски центар. 

Премногу е свет и светол утрешниот ден, премногу е свет и светол ликот Светиклиментов, премногу се свети и поучителни делата Светиклиментови. Во негов дух: „Со широко срце ја отвораме“ Општината за максимална соработка со сите добронамерници кои имаат една и единствена желба – развој и просперитет на нашиот прекрасен и неповторлив Охрид. – истакна во својот говор градоначалникот Стојаноски.

На свеченоста беа доделени највисоките општински признанија, наградата и повелбата „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“. Годинава добитници на овие престижни признанија се еминентниот писател и поет Видое Видически и младиот пливачки херој Марко Пејчиноски.

Свеченостите по повод Денот на патронот на Охрид продолжуваат викендов.

OhridNews