По 12-годишни подготовки, во музејот „Робевци“ денеска свечено беше отворена Златната соба во која се изложени вредните предмети пронајдени при археолошките истражувања во охридскиот регион. Во ексклузивната поставка во Златната соба се изложени 447 златни и позлатени предмети откриени на археолошките локалитети во Охрид и охридско, со хронолошка припадност  од 7 век пред нашата, па се до  19 век од нашата ера. Меѓу нив е и златната маска и вредни предмети откриени при истражувањата на стариот дел на градот кој ги вршеше археолошкиот тим на охридскиот Завод и Музеј, предводен од Паско Кузман .

Охриѓани и пошироката јавност ќе можат да го видат она што археолозите го видоа на 30-ти септември 2002 година на локалитетот „Забранетата лединка“ кај Горна порта кога беше откриен гробот 132 во кој беше пронајдена охридската златна маска и златна ракавица и голем број други златни, сребрени, бронзени и железни, килибарни и керамички предмети откриени во тој гроб врз основа на спалените остатоци од погребаните покојници, две млади особи кои живееле пред 2500 години.-истакна Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј Охрид.

Во рамки на свеченоста, во научниот музеј на МАНУ во куќата на Уранија, беше промовиран каталогот „Златото на Лихнитида“ од академик Вера Битракова – Грозданова. Автори на каталогот се Паско Кузман и Нада Почуча Кузман, кои на повеќе од 300 страници низ текст и фотографии, научно и низ аргументи и факти ја овековечуваат историјата на вредните предмети кои се наше духовно и материјално наследство.

Дел од вредното богатство откриено во Требенишката некропола се наоѓа во музеите во Белград и Софија, но добро е кога сонот постои. Сонот на еден од авторите се оствари. Пред десетина години Паско Кузман рече: „Морам да најдам уште некоја маска во охридско“. Тогаш го доживувавме како фантазер, но тоа се случи и златната маска, златната ракавица и многу друг накит кои биле приложени во вечниот дом на еден Лихнидски првенец или кнез за да биде како херој испратен во вечноста, драгиот колега Паско Кузман доживеа тоа да го открие. Ова е лајт мотивот од каде поттекна идејата за создавање на публикацијата „Златото на Лихнитида“,-рече академик Вера Битракова Грозданова.

На свеченото отворање се обратија градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој истакна дека конечно вредното културно наследство од Охрид се враќа дома.

Златото на Лихнитида изложено во одајата на Куќата на Робевци, е катче во кое е сконцентрирано  богатото охридско и македонско културно наследство кое очигледно ќе биде магнет за бројни домашни и странски гости. Ако  еден жител на Париз ја чувствува Ајфеловата кула или Лувр како свои препознатливи објекти, тогаш златната одаја во Охрид е добра можност препознатливата куќа на охридската фамилија Робевци во иднина да ги отвори своите врати за бројните гости и посетители.-рече Бакрачески.

Пред присутните се обрати и Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска. Таа истакна дека оваа музејска поставка претставува приказ на времето на големиот процут на античкиот Охрид, време во кое Лихнид ковал автономни монети со познатиот македонски штит.

Сите предмети кои се прикажани во оваа „Златна одаја“  несомнено ја потврдуваат моќта на златото како вредност, како единствена и најзначајна цивилизациска амајлија. Овие артефакти се докази за нашата историска присутност, но и за креативната надареност која од секогаш била одлика на цивилизациите кои се вкрстувале на нашето тло. – рече Канческа Милеска.

Таа изрази благодарност до целиот тим кој овозможи исклучително вредното културно наследство да биде презентирано пред јавноста.

Голема благодарност до Паско Кузман, Нада Почуча Кузман, до директорката на Завод за заштита на споменици на културата и музеј Охрид Тања Паскали-Бунташеска, до Вера Битракова Грозанова, до сите бројни стручни соработници, до сите оние кои целиот свој животен век го вложија во проучувањето на културните хоризонти на Лихнитида. Ве уверувам дека и во иднина ќе продолжиме со поддршката на сите активности и проекти со кои ќе обезбедиме стабилен и одржлив континуитет во зачувувањето, проучувањето и ревитализацијата на македонското културно наследство, и секако, намерата оваа раскошна оставнина да биде уште еден мисионер за вредностите на Република Македонија во светот.- додаде министерката за култура.

Златната соба во куќата на Робевци каде се изложени вредните археолошки наоди е опремена со современ систем за заштита. Таа ќе биде отворена за пошироката јавност која ќе има можност да го види големото богатство на древниот Лихнид.

Г. Момироски