Петар Рупески од Варош е најсреќниот меѓу 1000 верници кои утрово, на празникот Богојавлени- Водици,  скокаа во осветените води на Охридското езеро за да го фатат чесниот крст.

Ова е втор пат како го фаќам крстот. Чувството е прекрасно. После девет години ја чувствувам истата среќа, истата радост. Се надевам дека крстот ќе ми донесе среќа како првиот пат.“ – рече Рупески.

Тој на сите охриѓани им посака среќна и бериќетна година, со надеж за успеси во тековната 2014.

Им посакувам на охриѓани да се среќни и да не се песимисти. Оваа работа не е наместена, а многу луѓе скокнаа по крстот. Посакувам многу здравје и среќа како мене и моето семејство, така и на моите пријатели.“ – додаде Рупески.

Се очекува тајфата на фаќачот на чесниот крст да ги обиколи домовите во Охрид, а на посебна свеченост вечерва тој ќе биде даруван од кумовите на годинешните Водици, градоначалникот Никола Бакрачески и Сашо Симески.

О.Т.
фото: Емилио