Ракометарите на Охрид експресно им се вратија на победите во Супер лигата, откако во „Автокоманда“ го совладаа помладиот состав на Металург со 33-31 (17-15) во заостаниот меч од петтата рунда во шампионатот.
Двете екипи одиграа возбудлив натпревар и бодовите оправдано и заслужено заминаа на контото од „гладијаторите“.
Охриѓани имаа шанса да го решат победникот порано, но домашните играчи не се предадоа и со серија 3-0 се вратија комплетно во игра (30-30).
Сепак, охридските ракометари не потклекнаа во финишот, и возвратија со иста мера што им донесе конечен триумф (33-31).
На голот од Охрид блескаше Благојче Трајкоски кој запиша 16 интервенции, додека голгетерски се истакнаа Блажески со шест голови и Димитријески, Младеновски и Кљајиќ кои реализираа со пет погодоци. Во составот на Металург 2 најпрецизен беше Танкоски со десет голови.
Со третиот триумф „гладијаторите“ се изедначија на табелата со Еурофарм Работник и Пролет кој има натпревар помалки. Лидер на табелата во елитата е битолски Пелистер со 12 поени. Во седмата рунда охридските ракометари гостуваат во Велес кај Борец.
OhridNews