Според податоците од Државната изборна комисија, во 7 часот се отворени сите 78 избирачки места во четирите општини во кои денес се прегласува вториот круг од локалните избори- Струга, Центар, Ѓорче Петров како и во Долнени. Гласањето започнало на време и без проблеми.

Во општина Струга се прегласува на 9 избирачки места. Сите се отворени на време и засега изборниот процес се одвива непречено, информираат од ОИК.

Пред избирачките места забележливо е поголемо присуство на полиција,  а карактеристика на досегашниот тек на гласањето е малата излезност на избирачите.

-Гласачкото место 1860 беше отворено во 7 часот утринава, досега е се во ред, а излезноста е околу 5 проценти, изјави Валентина Переска, потпретседател на избирачко место 1860.

Во општина Струга денеска ќе се прегласува на три избирачки места во градот, на едно во Радолишта, на по две избирачки места во  селата Октиси и Бороец и едно во село Подгорци.

Во избирачкиот список на овие девет избирачки места се запишани 7.885 гласачи.
 

OhridNews