Од редот на истакнати уметници, стручни лица од областа на драмската дејност за селектор за драмска програма за 2012 година е именуван Горан Стојаноски-актер, продуцент и раководител на Охридскиот Театар, додека за селектор за музичка програма за 2012 година е именувана Маја Чанаќевиќ-солист на англиски рог и обоист, вработена во Македонската Филхармонија.
– Голема благодарност до директорот на фестивалот и министерката за култура за укажаната доверба. Да се биде селектор на драмската програма на овој реномиран фестивал е голема одговорност. Ќе ги вложам сите свои способности и енергија, со цел заедно со останатите вработени во “Охридско лето” и музичкиот селектор да го одржиме и уште повеќе да го подигнеме нивото и квалитетот на понудената програма, која пред се ќе го следи вкусот на публиката, изјави за OhridNews новиот селектор на драмската програма на фестивалот, Горан Стојаноски.
Стојаноски повеќе од 25 години работи како професионален актер, режисер, театарски креатор, менаџер и театарски продуцент. Извесен период ја вршеше функцијата В.Д директор и директор на Н.У. Центар за култура Григор Прличев, а долги години ја водеше и иницијативата за воспоставување на професионален театар во Охрид, чии напори беа крунисани со одлука на Владата на РМ за воспоставување на професионален театар. Во неговата биографија се вбројуваат над 100 изиграни театарски изведби, режирал, пишувал и играл во неколку телевизиски шоуа.
Маја Чанаќевиќ во последните години настапувала како солист и член на камерни оркестри на сите фестивали во Македонија и надвор од неа. Постојан член е на камерното студио „Бахус“, камерниот ансамбл „Консонанс“. Претставник е на Македонија во неколку тела на меѓународната организација на Музичка младина, член е на советот на фестивалот „Охридско лето“, прв секретар на Македонскиот музички совет, во неколку мандати член на управниот одбор на Музичка младина на Македонија. Во периодот 2007-2011 година е директор на Македонската филхармонија, а во септември 2011 и е доделен уште еден мандат како директор на Македонската филхармонија.
Стојановски и Чанаќевиќ, доаѓаат на местото на Ѓорѓи Јолевски и Гордана Јосифова Неделкоска, кои во изминатите години ги извршуваа функциите драмски и музички селектор на фестивалот „Охридско лето“.