Премиерот Никола Груевски денес даде исказ на рочиштето од судскиот процес по тужбата за клевета и навреда што Груевски ја поднесе против претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Тешко е да се опише чувството и загриженоста дека некој верува во изнесените навреди и клевети. Разбирам политичка критика, но ова е сосема друго“, рече Груевски на судењето во Основниот суд Скопје 2.
Невистините и клеветите, додаде, дека јас сум татко на криминалот, дека сум зел 1,5 милиони евра кеш, дека сум ја оштетил државата поради неплатен данок и дека сум креатор на криминална мрежа, сè што е наведено во тужбата е една осмислена кампања за конкретна цел во конкретен момент – да ми се наруши угледот и честа.
Премиерот рече дека доживеал тешка душевна болка и вознемиреност по објавувањето на аудио снимката и обвинувањата изнесени од страна на тужениот.
Исказ пред судот даде и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Заев во судницата во Основниот суд Скопје 2 рече дека аудио снимката, на која, како што вели, Груевски договара продажба на Македонска Банка, лично му ја дал Ден Дончев, кого судот на подготвителното рочиште во јуни не го прифати како сведок.
Лидерот на СДСМ го праша Груевски дали ја преслушал снимката и дали гласот што се слуша е негов, на што премиерот одговори дека на тоа прашање дале одговор во сооопштение од неговата партија објавено истиот ден по обелоденување на снимката. Заев, меѓу другото, рече дека иако бил свесен дека информациите што ги обелоднил може да претставуваат навреда и клевета, одлучил, сепак, да го стори тоа бидејќи бил мотивиран од неговата граѓанска одговорност.
Груевски поднесе тужба за клевета и навреда против Заев откако лидерот на СДСМ објави аудио снимка во која, како што тврди, премиерот договара продажба на Македонска Банка за што зел поткуп од 1,5 милиони евра.Груевски побара отштета од половина милион евра.
OhridNews