Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, поради редовните обврски, ќе одговори на поканата на Анкетната комисија во Собранието на 14 декември 2015 и ќе се обрати пред пратениците од истата комисија, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ. Груевски, според редоследот кој го објави претседателот на комисијата Петре Шилегов, требаше да сведочи пред комисијата денес, а по него во четврток требше да биде сослушан Мартин Протуѓер и Зоран Ставрески, на 11 декември Сашо Мијалков, на 14 декември Гордана Јанкулоска и на 15 декември Миле Јанакиески. ВМРО-ДПМНЕ, уште по објавата на редоследот рагираше дека најверојатно премиерот нема да може да сведочи во среда, поради обврски, но претседателот на комисијата Шилегов, рече дека на тој начин Анкетната ќе биде блокирана во следните пет дена.
Имено, договорено е штом биде установен редоследот на сведоци, тој и да се запази. На овој начин, предупреди Шилегов, работата се поместува од 14 натаму, а до тогаш Анкетната ќе нема што да работи.
Седниците на кои што ќе бидат сослушувани сведоците ќе бидат затворени за јавноста, на барање на членовите на Анкетната од ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека имало доверливи информации за кои ќе се разговарало.
Членови на Анкетната комисија треба да посетат и некои институции. Сите овие активности треба да завршат до 22 јануари 2016 година, а извештајот на комисијата треба да биде готов до 31 јануари.
OhridNews
извор Макфакс