Охридските хотелиери на состанокот што се одржа денеска во хотелот „Два Бисера“ ја поддржаа идејата за изградба на ски центар на планината Галичица.
По постигнувањето на консензусот за поддршка на идејата, следат активности околу самата реализција, за што неопходна е соработка со институциите.
Идејата, велат од ХОТАМ, е поддржана од страна на Владата, а комуникацијата се одвива преку Министерството за економија кое заедно со хотелиерите ќе ги разгледа можностите за реализација на проектот, кој според проценките на експертите ќе ја продолжи туристичката сезона во Охрид за повеќе од два месеца. Дополнителен адут за изградба на ски центар на Галичица, која располага со голем природен потенцијал, е и близината на аеродромот „Св. Апостол Павле“.
– Заинтересирани сме за изградба на ски центар на Галичица, од што бенефит ќе имаат сите жители од Охридско-преспанскиот регион, а поддршка очекуваме и од општината Струга, која верувам ќе се приклучи кон иницијативата, истакна Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.
Проектот за изградба на ски центар на Галичица првично е изработен во седумдесетите години од минатиот век, а е реафирмиран од ХОТАМ во 2006 година. Со него се предвидува изградба на ски патеки во должина од околу 12 километри, ски лифтови, прифатен центар и неколку монтажни ресторани, без притоа да се загрози животната средина, односно бројните ендемски видови флора и фауна со кои изобилува Националниот парк Галичица.
Според најавите се очекува надлежните институција да изготват студија за влијанието на проектот врз животната средина, по што ќе биде распишан тендер за реализација на проектот, кој се проценува дека ќе чини повеќе милиони евра.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com