Мандатот за состав на влада ќе го добие партијата која ќе обезбеди мнозинство во парламентот, е ставот на претседателот Ѓорге Иванов, кој денеска во резиденцијата на Водно се сретна со претставниците на парламентарните партии.

– Мандат за состав на нова влада ќе добие коалицијата која ќе ме извести и докаже дека има мнозинство во собранбието. Прво докази после мандат. – изјави Иванов.

Во кусото обраќање до јавноста Иванов рече дека од кои ќе ја составуваат новата влада ќе бара во програмата да вклучат два приоритети: заштита на националните интереси што подразбира гаранции за зачувување на унитарниот карактер на државата и систермско решение и реформи за подобрување на националната безбедност.

Заев: Иванов ќе ни додели мандат само ако обезбедиме 61 пратеник

СДСМ како второпласирана партија по освоени мандати не може да го добие мандатот за состав на нова влада без да докаже дека има договорено мнозинство. Ова во попладневo го соопшти претседателот на СДСМ Зоран Заев, по средбата со претседателот на државата Ѓорге Иванов

„Како второпласирана партија со број на мандати не можеме да добиеме мандат за формирање влада. Укажувањето од Иванов беше дека треба да докажеме дека имаме мнозинство согласно Уставот, што значи 61 пратеник, чии потписи како доказ треба да бидат доставени во кабинетот на Иванов, по што ќе добиеме мандат“, изјави Заев по средбата.

Ахмети: Сите треба да придонесеме за излез од кризата

Сите треба да придонесат за излез од кризата и изнаоѓање одржливо решение за иднината и стабилноста на земјата порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети по консултациите со претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Ахмети смета дека клучот што бил кај ДУИ до сега, веќе го префрлил кај претседателот Иванов.

Ахмети кажа дека сите опции за формирање нова влада се отворени.

„Бевме информирани за целиот процес на доаѓањето до едно решение на нашите прашања и како да стигнеме до парламентарно мнозинство затоа што одговорност на сите нас е да изнајдеме прифатливо решение за да имаме стабилни институции и понатаму да менаџираме со државата“, рече Ахмети.

Додаде дека на средбата со Иванов се зборувало и за политичката ситуација во регионот и пошироко.

БЕСА по средбата со Иванов: „Топката“ е во Собранието

По средбата на лидерот на БЕСА, Билал Касами и претседателот Ѓорѓе Иванов, од БЕСА не дадоа изјава, само велат дека „топката“ е во Собранието.

Од партијата не сакаа да дадат изјава за што се разговарало, само кратко рекоа дека „топката“ е во Собранието и оној кој ќе обезбеди мнозинство тој ќе формира Влада.

ВМРО ДПМНЕ бара нови избори

Во претседателската вила вечерва шефот на државата имаше средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Toj претходно изјави дека нови избори за побрз излез од политичката криза.

-Очигледно е дека некои од партиите во Македонија покажаа страв од организирање на нови избори и повторно соочување со граѓаните, но ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија на претходните избори смета дека распоредот на силите во парламентот кој очигледно нема да овозможи услови за непречена реализација на било чија програма и што побрзото излегување од кризата се причина за што поитни нови предвремени избори.- смета Груевски.

OhridNews