Претседателот Ѓорге Иванов попладнево му го врачи мандатот за состав на новата Влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, чија партија освои најголем број на пратенички места на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември.

Мандатарот во рок од 20 дена до Собранието поднесува програма и го предлага составот на Владата. Потоа, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако во тој период мандатарот не успее да состави влада, тогаш се повторува целата постапка со друг мандатар.

На предвремените парламентарни избори на 11 декември коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ во коалиција со граѓански активисти освои 49 мандати, ДУИ – 10, Движењето Беса – 5, Алијансата за Албанците – 3 и ДПА – две пратенички места.

OhridNews