Одлука за општ прекин на сите кривични постапки против политичари коишто се поврзани со политичката криза и аферата прислушување, потпиша денеска Претседателот Ѓорге Иванов.

Во обраќањето до нацијата попладнево, Иванов рече дека на ваков чекор се решил сам без консултација со ниту една од партиите, а со цел надминување на актуелната политичка криза, додавајќи дека е подготвен да ги сноси сите критики за донесената одлука.

-Ова го правам за доброто на Македонија и како придонес кон решавањето на политичката криза во земјата која трае веќе две години. – рече Иванов.

Според Иванов актуелната политичка кризи не е во интерес на Македонија, туку на некој друг.

-Никој не може да ме убеди дека оваа криза е во интерес на Република Македонија. Оваа криза е нечиј туѓ интерес, за некои туѓи цели и интереси. Некој кој сака нешто да постигне. Некој кој сака преку завојуваните олитичари и политички лидери и нивните поддржувачи да оствари своја цел. Сето она што се случуваше во изминатиот период резултираше со до сега невидена политичка конфронтираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување. Бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку. Си отворија толку многу кривични постапки, што сега и едните и другите се подготвњени да употребат секакви можни средства, само да не бидат поразени на следните избори.-истакна Иванов.

Тој не соопшти имиња на политичари кои ќе бидат амнестирани, односно против кои ќе биде прекината судска постапка, но остави можност доколку некого пропуштил, да ја надополни одлуката.

OhridNews