Пратеникот од Охрид, Александар Николоски, ја поддржал петицијата за втор мандат на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов. На својот Facebook профил, тој објави дека ја поддржува кандидатурата на Иванов за уште еден мандат.
„Професорот Иванов беше мојот најдобар професор човек од кого многу научив. Во 2009г бев еден од неговите поранешни студенти кои го инспириравме да се кандидира за Претседател на Р. Македонија. Направивме добар потег добивме одличен Претседател морален и чесен, близок до народот и секогаш во интерес на Македонија во странство. Со Претседателот бевме и на официјални средби и со народот на Водици во Охрид и со државници, но и во најмалите села. Претседателот Ианов заслужува нови 5 години да продолжи да ја води Македонија и да ги брани македонските интереси. Моја искрена подршка за Претседателот!“-напиша Николоски на својот Facebook профил.
Порталот „Република“, денеска, објави дека кандидатурата на Иванов за втор мандат ја поддржале повеќе градоначалници меѓу кои и охридскиот. Покрај Никола Бакрачески кој е и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, поддршка на Иванов изразиле и други членови на највисокото партиско раководство, меѓу кои се спомнуваат и имињата на екс министерот за надворешни работи и пратеник Антонио Милошоски и вицепремиерот Зоран Ставрески.
Од ВМРО ДПМНЕ информираа дека очекуваат Иванов во текот на утрешниот ден да се изјасни околу неговата кандидатура за втор претседателски мандат.
OhridNews