Освен паркинзите кај хотел „Ривиера“, цвеќарата „Мартина“ и паркинг просторите на улица „АСНОМ“ и кај Горна порта, од денес ЈП „Билјанини извори“ го превзема стопанисувањето и со останатите јавни паркинзи во Охрид.

Локалната самоуправа одлучи по вчерашното истекување на договорот со досегашниот концесионер, од денес ингеренциите за јавните паркинзи, времено, да му ги предаде на ЈП „Билјанини извори“.

Како што информираат од локалната самоуправа, потоа се очекува на една од наредните седници на советот да се одлучи како ќе се регулира понатамошното стопанисување со јавните паркинзи. Советниците ќе треба да одлучат дали јавното претпријатие ќе ги задржи ингеренциите, или пак стопанисувањето со паркинзите ќе се решава по пат на јавно приватно партнерство или пак со распишување на тендер.

Од ЈП „Билјанини Извори“ потенцираат дека со најголема сериозност ќе се пристапи кон раководењето со доделените паркинзи.

Претходното искуство и темелното подготвување се гаранција дека функционирањето на јавниот градски простор ќе биде од бенефит за сите граѓани на Охрид. Охридската јавност ќе биде информирана за сите наши активности, како во иднина би воспоставиле партнерски однос со кој ќе се подобри целокупната понуда на паркинг услуги, какви што и сите заслужуваме, велат од ЈП „ Билјанини извори“.

Т. К.