Ј.П.„Охридски Комуналец“ со пригодна свеченост и работни активности за зголемување на јавната чистота и акции за уредување на јавно зеленило и подигање на зелен отпад, го одбележува Денот на ослободувањето на Охрид и патронен празник на претпријатието.
Се уредуваат и чистат Спомен-паркот на револуцијата, спомен-обележјето на Јасна Ристеска во селото Рамне, спомен-обележјата кај Основниот суд-Охрид, градскиот парк и средното стручно училиште „ Св.Кирил и Методиј“.
Патрониот празник „Комуналец“ го одбележа денеска со пригодна свеченост што се одржа во административните простории на претпријатието. По тој повод на вработените кои непрекинато работат и придонесуваат во претпријатието, десет, дваесет и триесет години им беа врачени награди. Од нив четворица беа наградени за непрекината работа од триесет години, двајца за дваесет години и шест вработени за десет години придонес во ЈП „Охридски комуналец“. Наградите и признанијата им ги врачија секретарот на општина Охрид Димитар Спасески и директорката на ЈП „Охридски комуналец“, Елена Скрческа.
-Помина уште една тешка и напорна година, со секојдневни проблеми со кои се соочуваме поради застарениот возен парк. И покрај тоа, со зголемен напор и организација на работењето, се потрудивме максимално да одговориме на сите предизвици и успееме да ги задоволиме барањата на граѓаните на општина Охрид, како и барањата на зголемениот број туристи, кои го посетија Охрид. На наше големо задоволство, ваквите проблеми може да кажеме дека ќе бидат минато со новите комунални возила кои ги набавивме со помош на Локалната самоуправа. Уверена сум дека со заедничко залагање на сите вработени и понатаму ќе продолжиме со успешното работење и остварување на зацртаните цели, како и одговарање на сите предизвици со кои ќе се соочуваме во иднина, истакна директорката, Елена Скрческа.
И претстојниот викенд ќе биде работен за Ј.П.„Охридски Комуналец“. Од јавното претпријатие ги известуваат граѓаните на општина Охрид дека во сабота, 7-ми ноември, ќе се организира акција за подигање отпад од уредување на дворни површини и градини (гранки, трева, жива града и др.) во У.З.3 „Кошишта“ и У.З.4 „Воска“ (заедно со комплексот згради и куќи во населбата „Даљан“).
Се молат граѓаните кои живеат во горенаведената урбана заедница доколку имаат ваков отпад уредно да го депонираат најдоцна до 10.00 часот и претходно да го пријават во Р.Е.„Механизација” на тел.046/265-353 со наведување на локацијата, за да можат службите од Ј.П.„Охридски Комуналец” благовремено да го подигнат. Зелениот отпад треба да е уредно оставен до контејнерите или на местата предвидени за подигнување комунален отпад.
OhridNews