По повеќе одложувања во Основниот суд во Охрид денеска започна главниот претрес во судскиот процес за глисерската несреќа што се случи пред две години во водите на Охридското Езеро, во која животот го загуби Ирина Романова Муцински, а неколку лица беа повредени.

Пред судот исказ даде Кристијан Шапкар кој е обвинет дека ја предизвика глисерската несреќа. Шапкар кој  претходно се бранеше со молчење решил да даде свое сведочење пред судот по советување на неговиот нов бранител. На почетокот од сведочењето тој изрази жалење за нереќата. Посочи дека знае за што е обвинет и дека не се чувствува за виновен. Во својот исказ тој детаљно ги опиша случувањата пред, за време и по несреќата, напоменувајќи дека не пиел алкохол пред несреќата и дека  се напил неколку чашки ракија веднаш по немилиот настан за да го смири големиот стрес кој го претрпел.

-На 22 август, кој е многу несреќен ден за мене, јас и мојата сопруга решивме да одиме во селото Трпејца на ручек. Со нас ги повикавме мојот братучед и неговата девојка. Тргнавме попладнето некаде после 15 часот. Во ресторанот кај што ручавме, многу добро се сеќавам дека нарачав риба и негазирана вода, затоа што поради терапијата која што ја примав не смеев да јадам мрсно и да пијам алкохол, раскажуваше Шапкар.

Тој напомена дека пред да тргнат од Трпејца кон Охрид  ги запалил светлата, на глисерот.

-Се движев паралелно со брегот, но некаде кај Метропол, почуствував дека десниот мотор се изгасна, се обидов повторно да го запалам, но неговото работење не беше добро, така што продолжив да се движам со забавена брзина, рече Шапкар.

Тој објасни дека некаде помеѓу Хотелот Парк и плажата Кадмо забележал дека од неговата лева страна наидува друг пловен објект.

-Проценив дека според правецот на движење,  другиот пловен објект, не претставува опасност за мојот правец на движење и продолжив да се движам по насоката по која што одев.  Не знам што се случи, но другиот глисер наеднаш направи некој маневар, го видов него како некоја сенка, која доаѓаше право на нас, не можам да кажам дали беше со голема брзина. Се обидов да го избегнам, мислам дека завртев на десно, но се беше толку брзо и се судривме. Ударот беше силен и сите се најдовме во вода, објаснуваше Шапкар пред судот.

На крајот од својот исказ, тој рече дека жали за загубата на семејството Муцински, особено за состојбата на децата.

-Не би сакал ниедно дете на светот да разочарам, зошто и јас имам деца. Но пак напоменувам дека беше несреќа и ние можевме да загинеме, секому може да му се случи и затоа не се чувствувам виновен, рече Шапкар.

Инаку денеска  пред судот сведочеше и неговата сопруга Ивана Шапкар, која изнесе многу слични  искази и детали за несреќата.

По исказите Јавниот обвинител побара од Судот да се направи дополнително вештачење од страна на Клиниката за психијатрија од Скопје, со цел да се утврди дали обвинетиот консумирал алкохол пред или по несреќата.

Инаку според податоците од вештачењето, неколку часа по несреќата кај Кристијан Шапкар биле пронајдени 0,72 помили алкохол во крвта и 1,28 промили алкохол во урината. Обвинетиот пред судот објасни дека непосредно по несреќата во состојба на шок бил пренесен до едриличарскиот клуб кој се наоѓа во непосредна близина каде познаник му дал ракија со која ја избришал крвта од себе. Тој појасни дека бил под силен стрес и затоа не бил свесен за постапките, а откако бил однесен во домот на родителите му била пренесена непријатна вест поврзана со неговата тешко повредена сопруга по што тој за да се смири испил неколку чашки ракија.

OhridNews