Полициската станица Струга поднесе кривична пријава против  градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Кривична пријава е поднесена  и против Ќ.П.(43) од село Велешта, сопственик на „Бени Маркет“ ДООЕЛ Струга и наведеното правно лице, за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.

Во септември 2010 година, струшкиот градоначалник издал одобрение за поставување на урбана опрема-монтажен шанк во Струга на брегот на Охридското езеро на правното лице „Бени Маркет“, но од нивна страна бил изграден објект од тврда градба, со поголема површина, а за истото од страна на општината не била извршена контрола.

Исто така, во 2011 година,  и покрај тоа што за оваа парцела Министерството за култура донело одлука со која истата се става под привремена заштита како културно наследство,  како и дека објектот е тврда градба, а не сезонска опрема, Мерко на сопственикот му издал ново одобрение.

Градоначалникот на Струга се водржа од секаков  коментар во врска со поднесената кривична пријава, се додека, како што рече,  истата не ја добие, односно не биде процесуирана од страна на јавното обвинителство. Во телефонски разговор тој кусо ни изјави дека постапувал  законски во случајот.

Случајот официјално не го коментираше ниту сопственикот на спорниот објект, инаку член на струшкиот совет.

OhridNews