Охриѓани и туристите кои Новата 2014 година ќе ја дочекаат на охридскиот плоштад,  ќе може да уживаат во хитовите на Ламбе Алабакоски и Викторија Лоба, кои ќе бидат задолжени за забавната музичка програма. За репертоарот од народна музика за новогодишната веселба  ќе бидат задолжени Наум Петрески, неговата ќерка Анастасија и Зуица Лазова придружувани од оркестарот на групата ,,Синтезис”. По полноќ свој настап на охридскиот плоштад ќе има и блех оркестарот ,,Агушеви” од Струмица.

Присутните истовремено ќе имаат можност да се забавуваат со музиката на македонските музички ѕвезди,да купуваат храна во поставените дрвени куќарки на плоштадот, како и да се лизгаат на лизгалиштето. Новогодишната програма не е крај на активностите, ќе следува богата програма и за Божиќ, Стара Нова година и Водици, вели раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.

Како што беше соопштено на денешната прес конференција, свечената  програма во пресрет на Новата 2014 година ќе трае десет дена, а ќе започне во недела 22-ри декември. Предвидено е секоја вечер од 18 до 20 часот, на градскиот плоштад да има културно- забавна програма на која свој настап ќе имаат ученици од сите основни и средни училишта,  од детските градинки, охридските актери, културно- уметнички друштва и познатиот стендап комичар, Никола  Тодороски.

При подготвување на програмата беа ангажирани сите служби во локалната самоуправа , како и охридскиот Народен театар, Центарот за култура, и „Охридско лето“ се со цел да направиме програма која ќе биде одраз на потребите на граѓаните од сите возрасти. Сметаме дека на Охрид му треба еден поинаков приод во одбележувањето на празниците и затоа сакавме покрај украсувањето, да внесеме и содржини со што градот ќе го направиме поатрактивен , изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Од локалната самоуправа информираа дека за организирањето на новогодишната програма од општинскиот буџет биле издвоени 15000 евра. Потенцираат дека станува збор за мал износ со оглед на богатата понуда, но дека тоа е резултат на остварените бројни контакти и напори се со цел да се организира што побогата програма, а за помалку финансиски средства со оглед на тешката финансиска состојба во која се наоѓа општината.  

Т.Кувенџиска