Ирачката влада денеска објави тридневна жалост и ги затвори сите јавни места поради терористичките напади извршени вчера во градот Хан Бани Саад во источната покраина Дијала, во која беа убиени околу 100 луѓе, меѓу нив и жени и деца.

Терористичкиот напад во градот со мешано етнички население, кој е  оддалечен на 30 километри североисточно од ирачката престолнина Багдад, беше извршен на многу посетуван пазар за време на прославата на рамазански Бајрам, со кој се одбележува крајот на постот во светот месец рамазан. Станува збор за еден од најкрвавите напади откако во Ирак започна да дејствува џихадистичкта организација Исламска држава.

Во експлозијата се урнати и неколку згради, а покрај стотиците ранети, властите очекуваат бројот на жртвите да се зголемува, бидејќи во саботата спасувачките екипи уште извлекуваат тела од под урнатините.

Владата на ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади свика итен состанок на советот за одбрана на која ќе се разгледуваат мерки кои треба да се преземат во врска со последниот бран бомбашки напади низ целата земја.

Џихадистичката група Исламска држава ја преземаа одговорноста на нападот, сличен на многуте кои ги извршуваат во изминатата година чии цели се најчесто населбите на шиитското мнозинство, и сунитските муслимани чии заедници соработуваат со централната влада во Багдад. Џихадистите контролираат големи територии од централен и западен Ирак, како и Сирија, на кои прогласи калифат и брутално ги казнува неистомислениците од сите конфесии.

OhridNews

Извор: „Макфакс“