Дел од говорот на претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца Гоце Георгиески,на денешната свечена седница по повод 11 октомври, предизвика незадоволство кај дел од присутните. Додека траеше вториот дел од обраќањето на Георгиески во кое тој даде свое видување, и како што рече, видување на борците за актуелните случувања во државата- лошата економска состојба, одливот на млади луѓе, немањето политички дијалог помеѓу власта и опозицијата, градоначалникот Никола Бакрачески, пратеникот Сашо Василески, советници од ВМРО- ДПМНЕ, претставници од јавните претпријатија и установи во градот ја напуштија општинската сала во која се одржуваше седницата. Во салата се вратија откако заврши обраќањето на Георгиески.
По седницата од локалната самоуправа следуваше и писмена реакција во која се наведува дека обраќањето на првиот човек на Сојузот на борците на Општина Охрид, во кое тој изнел свои лични видувања, ставови, перцепции и доживувања за власта во земјава, се оценува како очигледна злоупотреба на празникот 11 Октомври и организираниот настанот.
– Со чудење гледаме на преседанот, одбележување на празник кој е заеднички за сите граѓани на Македонија и е симбол на непокорот на македонците, да се злоупотреби во дневно политички цели и да се претвора во држење на политички говор со дневно политичка содржина. Многумина со право коментираа дека иако Ѓоргиевски во животот никогаш не бил борец , сега раководи со боречката организација и се дрзнува на ваква манифестација да изнесува лични видувања за актуелната состојба во државата. Се надеваме дека овој преседан незабележан до сега, ќе остане несреќен и изолиран случај, на човек кој јавноста го памети како член на една опозициска партија и нејзин активист, кој изврши злоупотреба на пригодната свеченост во дневно политички цели, се наведува во реакцијата.
Oд општинската организација на Сојузот на борците, се зачудени од реакцијата на актуелните политичари. Оттаму велат дека говорот на претседателот Георгиевски бил со добронамерна цел, да испрати порака за заедништво во решавањето на проблемите кои ги има земјата и градот.
-Членовите на Сојузот на борци се загрижени за состојбите во државата, кои се општо познати и беа нотирани во извештајот на Европската комисија. Во говорот беа изнесени само факти, како тој дека младите ја напуштаат својата земја и повикавме на единство кај политичарите со цел да се надминат проблемите. Сето тоа беше кажано со најдобра намера, но очигледно не бевме добро сфатени.-велат од Сојузот на борци, најавувајќи дека организацијата во најкус рок ќе одржи итен состанок на кој ќе заземе официјален став за непријатниот случај кој го засени одбележувањето на 11 Октомври.
Инаку свечената седница започна со обраќање на градоначалникот Никола Бакрачески во кое истакна дека 11 октомври останува патоказ за тоа како треба да се сочува и брани нашата самостојност и независност – со храбри одлуки, етички исправни и цивилизациски соодветни на времето во кое живееме.
– Охрид отсекогаш бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација, рече градоначалникот.
Пред присутните во име на Општинската организација на Сојузот на борците од Народносолободителната антифашистичка војна и нејзините поддржувачи, се обрати претседателот Гоце Георгиевски.
-Чествувањето на сите значајни датуми од нашата подалечна и понова историја, традицијата да се собираме на тие денови и настани заедно да ги одбележуваме и прославуваме Илинден 1903 и 1944, 11 октомври, 8 септември и другите значајни настани од историјата, е исклучително потребно. Пред се што тие се темелот на нашиот континуитет. Од нив ги црпиме поуките, прашањата и одговорите што ни ги поставува актуелниот момент.-рече Геиргиевски.
Во рамки на свечената академија се одржа и културно уметничка програма на која настапија пијанистката Емилија Маринова и ученици од Основното училиште „ Григор Прличев“ и Општинското средно училиште „ Св. Климент Охридски“ .
OhridNews