Не престануваат реакциите, меѓусебните обвинувања и убедувања помеѓу локaлната и централната власт за тоа кој го изградил 8 километри долгиот локален пат од Лескоец до Скребатно, кој вчера свечено беше пуштен во употреба во присуство на премиерот Никола Груевски.

Локалната самоуправа го обвини премиерот дека присвојува туѓи заслуги и дека отвара локален пат кој е изграден со кредит од Европската банка за обнова и развој и Светска банка  и средства од Општина Охрид во време кога во Охрид бизнис елитата од македонската дијаспора и нивните деловни пријатели расправаат за инвестирање и спас на македонската економија.

Општината смета дека таквото однесување на премиерот било навредливо кон 350- те  учесници на Глобалниот инвестициски форум, но и кон градоначалникот Александар Петрески, кој, како што се наведува во реакцијата „не беше поканет ниту на самитот, ниту на отворањето на патот Лескоец- Скребатно, кој покај другите, граден е со средства од Општина Охрид“.  

-Граѓаните очекуваа дека пред учесниците на овој голем светски инвестициски форум премиерот и лидер на владејачката ВМРО- ДПМНЕ  ќе се пофали со отворање на некој голем капитален објект, како што е изградбата на автопатот од Гостивар до Охрид , што го најави уште во 2006 година. Наместо да објасни зошто не си ги исполнува ветувањата, Груески во негов популистички манир, најверојатно на учесниците на бизнис самитот ќе им пласира уште некоја шарена и добро спакувана лага и ќе ги убедува дека со инвестиции на познати милијардери, од Охрид ќе направел светски познат туристички центар, се вели во реакцијата.

Општината уште го обвини премиерот дека 6 години го кочи развојоит на Охрид, забележувајќи му што се уште не ги реализирал дадените ветувања за автопатско поврзување на градот и изградба на елитен хотел.

Ставот на општината предизвика  реакција од ВМРО ДПМНЕ, во која се наведува дека премиерот на Република Македонија вчера отвори патен правец во Охрид кој е важен за граѓаните од поширокиот регион на Општината ,важен и баран за граѓаните на Лескоец и Скребатно, важен за туристичкиот развој на Охрид. Кој тоа не го разбрал и го критикува има проблем со себеси а ќе има и проблем со граѓаните на Охрид и на овие населени места, велат во ВМРО ДПМНЕ.

-ВМРО ДПМНЕ отвора и ваков за нас важен патен правец во Охрид, како што отвори и пат Орман –Лакочереј, како што отвори и булевар Железничка, како што отвори и Залив на коските најпосетена дестинација, како што отвори и нова аеродромска зграда на Охридскиот аеродром, како што вложи во туристичката дејност, како што отвори нов Универзитет за информатички науки во Охрид. Од Март 2013та ќе отвори и уште десетици  важни и капитални работи за Охрид за кои вие немати ни идеја дека можат да постојат. Што отворивте вие Петрески и оние другите бизнис и гласачки партнери за 8 години во Охрид?-стои во реакцијата од  ВМРО ДПМНЕ, која обвини дека во овој период во Охрид се граделе само згради од што некој дебело профитирал.

Реагираше и ВМРП НП, чии советници побараа објаснување од ВМРО ДПМНЕ за инесените обвинувања

-Бараме од Општинскиот комитет на ДПМНЕ, јавно да се произнесе по однос на лагите и клеветите кои ги напишаа и пред граѓаните да кажат кои се бизнис интересите на советниците од ВМРО – Народна партија?! Имаат ли, советниците од ДПМНЕ, придонесено за развојот на Охрид или само седат во советничките клупи?! Општинскиот комитет на ДПМНЕ да објасни и како функционерите од ДПМНЕ откако дојдоа на раководните места, драстично ја променија својата финансиска положба и секојдневно купуваат луксизни автомобили?!-стои во реакцијата.

OhridNews