Неколку автомобили се оштетени, а повеќе лица полесно се поовредени во тепачка на две поголеми групи млади, која околу 14 часот се случила на градскиот плоштад во Охрид.
Како што информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, најверојатно се работи за две навивачки групи.
На местото на настанот забележливи се траги од пиротехнички средства кои биле употребени во тепачката, а на сите страни расфрлани се камења и стакла.
„Пред еден час имаше нарушување на Јавниот ред и мир на градскиот плоштад. Поголеми групи меѓусебно размениле удари со раце и нозе. Најверојатно се работи за две навивчки групи. СВР Охрид ведна излезе на терен, бидејќи во близина имавме полициски службеници. Дел од лицата се приведени и повикани на разговор во СВР Охрид.“ – информира Димовски.
Димовски додава дека се работи на расветлување на случајот и идентификација на учесниците во инцидентот што ја вознемири охридската јавност.
Учесниците во инциденот се навивачи на клубовите кои учествуваат на завршниот турнир од купот на Македонија во кошарка што се игра во Охрид.
OhridNews