Нема видливи повреди и траги на насилство врз безживотното тело пронајдено денес во кампот „Партизан“ во населбата „Воска“ во Охрид. Ова е констатацијата по извршениот увид и медицинскиот преглед од доктор на брза помош, што денес беше извршен во кампот, иформираа од СВР Охрид.
Од извршениот увид предводен од Јавен обвинител во содејство со полициски службеници на СВР Охрид, констатирано е дека се работи за лицето Е.М.(49) од Охрид кој во СВР Охрид беше пријавен за исчезнат на седми овој месец. Според наводите во пријавата поднесени од неговиот брат, сега починатиот последен пат бил забележан на втори февруари годинава, а неговото место на живеење било во камп приколка од Феријалниот сојуз во населбата „Воска“.
По наредба на Јавен обвинител, во текот на утрешниот ден врз безживотното тело ќе биде извршена обдукција во Судска медицина при Медицинскиот центар во Битола.
OhridNews