Од утрово, екипи од Фондот за патишта и комунален развој при локалната самоуправа работаат на санирање на големата дупка на коловозот, што се појави вчера, на пресекот на булеварот „Туристичка“ и улицата „Јане Сандански“.


Местото го посети и градоначалникот Александар Петрески, според кој оштетувањето на коловозот е последица на најголемиот криминал кој досега му се случил на Охрид, пропустите направени при изведувањето на проектот за поставување на дождовна канализација во 2002 година.


Ставани се цевки со помала дебелина на ѕидовите од потребната и запишаната во проектот. Наместо од 10 ставани се цевки со дебелина од 6 милиметри кои не можат да го издржат притисокот и пукаат. Овде се главните цевки од дождовната канализација кои не се споени меѓу себе. Целата дождовна вода од градот овде се слева. Како што гледате цевките не се споени и наместо водата да оди во нив таа го рони материјалот и доаѓа до вакви оштетувања. Овде недостасуваат шест или седум кубици материјал. Единствено е добро што не дојде до потрагични последици, затоа што овде можеше и цел автобус да пропадне, изјави градоначалникот Петрески .


Градоначалникот потенцира дека била побарана ревизија на проектот и дека за ваквите пропусти информирана била и финансиската полиција и премиерот, кој во времето на изведување на проектот бил министер за финансии, но и покрај тоа нема разврска на случајот.

– Направен е криминал за кој локалната самоуправа е задолжена за 4 милиони евра. Наместо со тие пари да градиме, ние постојано вршиме поправки и асфалтираме. На едно место поправаме, а тие се појавуваат на друго, додава Петрески.

Градоначалникот додаде дека очекува поради направените пропусти при изведувањето на проектот, слични оштетувања на коловозот да се појават и на други локации низ градот.

Т. Кувенџиска