Конкурсот за стипендии на општина Охрид не важи за турците, обвинува невладината Уфук.
„На ден 13.02.2014 година општина Охрид ги објави резултатите за Конкурсот за доделување на стипендии за талентирани ученици и Конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти од општина Охрид. Според објавените резултати стипендии добиле 21 ученик од основните училишта, 15 ученици од средните училишта и 13 редовни студенти од високо образовните институции. Односно севкупно се доделени 49 стипендии. За жал меѓу имињата на добитниците на стипендии не видовме ниту еден припадник на турската етничка заедница. А уште повеќе зачудувачки ни беше тоа што освен припадник на турската етничка заедница, немаше стипендија добиено никој од припадниците на албанската,египќанската, торбешката заедница. “-стои во реакцијата.
Од Уфук велат дека Охрид е мултиетнички и мултикултурен град и тоа општината не треба да го заборави.
„Сите граѓани на Охрид без оглед на нивната верска или етничка припадност плаќаат даноци, давачки, надоместоци итн. па токму затоа во сите сегменти на општественото живење треба да се запази правичната и соодветна застапеност на заедниците. Во овој случај општина Охрид не треба да се брани со тоа дека Турците или припадниците на другите заедници не учествувале во конкурсот или дека не ги исплонуваат условите за добивање на стипендија. Одговорноста треба да се бара во надлежните во општината кои треба да ги стимулираат, да ги насочуваат и да ги советуваат сите ученици и студенти без разлика на националната припадност да учествуваат на конкурсите.“-се вели во соопштението.
Од невладината Уфук уште обвинуваат дека Турците се дискриминирани и обесправени и дека се предмет на отпуштања од локалната самоуправа.
Општина Охрид ги отфрла сите обвинувања упатени од страна на НВО УФУК и нејзиниот претседател за дискриминација по етничка основа при доделувањето на општинските стипендии за талентирани ученици и студенти. Од локалната самоуправа обвинувањата ги оценуваат како злонамерни, тендециозни и лажни со цел да се наштети на угледот на институцијата.
– Конкурсот за доделување на стипендии објавен е јавно на сите локални медиуми и неколку пати во рокот за поднесување на апликациите беа потенцирани начините и условите за конкурирање. На конкурсот можеа да учествуваат ученици од општинските основни и средните училишта и студенти од општина Охрид, кои ги исполнуваа дадените критериуми. Скоро сите апликанти кои се пријавија на овој Конкурс, се стекнаа со можноста да користат средства од општина Охрид. На објавениот Конкурс, до Комисијата не е пристигната ниту една апликација , односно не се пријавил ниту еден ученик-студент припадник на турската заедница или на од нив спомнатите други заедници. Тоа логички значи дека Комисијата не можела да ги има во предвид при одлучувањето, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа.
Оттаму потенцираат дека општина Охрид ниту досега, а ни во иднина нема да ги дели своите граѓани по било која основа и дека за оваа локална самоуправа, основни критериуми за поддршка се квалитетот, знаењето, посветеноста, и пожртвуваноста на поединецот.
OhridNews