Непознат сторител извршил тешка кражба во црквата „Св. Илија“ во струшкото село Радожда. Казненото дело, засега непознатиот сторител го извршил во периодот од втори до десетти овој месец  употребувајќи подесен остар предмет со кој насилно делувал врз бравата од влезната врата, информираат од СВР Охрид.

Откако значително ја оштетил бравата, сторителот на овој вандалски чин успеал да ја отвори влезната врата и да влезе во внатрешноста на црквата. Потоа извршил пребарување, од олтарот и одзел четири резбани столпчиња со должина од два метри и ширина 15 сантиметри и две резбани царски двери, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На местото на настанот , извршен е увид. Полициската станица од Струга презема мерки за расчистување на случајот и идентификација на сторителот.

Инаку ова не е прв пат црквите во ова погранично крајезерско село да бидат мета на крадци. Изминатите години во Радожда се регистрирани повеќе кражби во сакрални објекти. Притоа беа украдени и вредни артефакти и икони, а дел од нив беа пронајдени во соседна Албанија.

OhridNews