И по изминати седум месеци, охриѓани чии објекти претрпеа оштетувања во силните земјотреси што се случија во јули минатата година, чекаат владата да го исплати обесштетувањето.

Земјотресите поминаа, но останаа нивните проблеми. Секојдневно стравуваат дали оштетените објекти ќе издржат додека добијат средства за да ги санираат. Дел од нив нашле начин да соберат средства и ги обноват распуканите ѕидови, но останатите се уште чекаат на државата.

Комисиите поминаа, извршија увид, направија извештаи но еве парите никаде ги нема. Оштетувањата се големи, ги има во секоја соба од куќата која е стар објект. Секојдневно стравуваме да не попуштат ѕидовите и се молиме да нема некој нов земјотрес, бидејќи којзнае дали објектот би издржал дополнителни потреси, вели Лидија Башиќ, чиј објект претрпе поголеми оштетувања.

Извештајот за штетите, подготвен од страна на оштинската комисија, во август беше разгледан од советот на Охрид, по што истиот беше испратен до соодветна владина комисија, која во рок од 6 месеци требаше да се произнесе по него и потоа да се изврши исплата на штетите.

Немаме конкретна информација за тоа што се случува со обесштетувањето. Наша обврска е да се направи елаборатот во кој се врши само проценка на штетите, а понатаму во согласност со буџетскиот план, расположивите средства, владата го врши обесштетувањето. Секако дека не треба обврската да ја префрламе само на централната власт. Наша должност е малку да влијаеме и да го притиснеме забрзувањето на исплатата на средства, што ние го правиме. Се надевам дека за скоро време граѓаните ќе бидат обесштетени, изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

OhridNews контактираше со портпаролот на владата, Миле Бошњаковски, за да добиеме информација до каде е постапката.

Бошњаковски со одговор, идентичен како и на дадениот од владата во средината на јануари, дека се чека на именување на нови членови на одговорната комисија, која треба да ја одобри исплатата. Кога ќе се изврши именувањето на членовите, не е познато.

Вкупните штети од серијата земјотреси што минатото лето го погодија охридскиот регион изнесуваат 58 милиони денари. До Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди, поднесени беа 854 барања за проценка на штети, 802 за  индивидуални објекти и 52 за деловни објекти.

Штетата кај индивидуалните објекти изнесуваше 48 милиони денари, а кај деловните 9 милиони денари.

Т.Кувенџиска