Градоначалникот Никола Бакрачески, по повод 3-ти Декември, Светскиот ден на лицата со хендикеп, денес оствари средба со претставници од сите здруженија за лица со посебни потреби од Охрид.
– Со здруженијата ние и во изминатиот период имавме активна комуникација во поглед на подршката која што нив им е потребна од страна на Локалната самоуправа, а која што е во рамки на нашите можности. Се запознавме со нивните годишни редовни активности и она што им е потребно, а сеуште не го обезбедиле. За мене како градоначалник и за локалната самоуправа , поддршката на оваа категорија наши граѓани е меѓу врвните приоритети. Воспоставената досегашна соработка ни дава право за идната година да очекуваме поголемо ангажирање од страна на локалната самоуправа за потребите на здруженијата и лицата со посебни потреби. – изјави градоначалникот Бакрачески.
Градоначалникот потенцира дека на огласот објавен во општина Охрид, сите здруженија вклучително и здруженијата на лица со посебни потреби, спортските клубови, културно уметничките здруженија, невладините организации, имаат можност да аплицираат за програми, кои би биле подржани и финансирани од општина Охрид.
– Ќе им овозможиме на заинтересираните во текот на 2014 година да имаат целосен увид во тоа- што од нивните активности локалната може да подржи и за што ќе треба во една координирана активност заедно со службите на општина Охрид да се побараат дополнителни средства. – изјави Бакрачески.
По повод 3- ти декември во ресторанот „Белведере“ се оддржа и работен ручек во организација на Здружението на родители на деца со церебрална парализа, на кој присуствуваше секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески и претставници од локалната самоуправа.
– Ова е само вовед во нашите идни контакти со здруженијата и работни состаноци кои ќе се организираат со цел подобрување на условите во кои живеат лицата со инвалидност и за решавање на проблемите со кои тие се соочуваат. Локалната самоуправа реализира повеќе активности за да им се помогне на овие лица, а со ист интензитет ќе продолжиме и понатаму, рече Спасески.
Спасески потсети дека по доаѓањето на новата локална власт беше отворен пулт за лица со хендикеп во општинската зграда, дека во соработка со Лајонс клуб Охрид набавено е специјално возило за лицата со посебни потреби, како и за временото вработување на пет лица во центарот „Зраци“.
OhridNews