По еден час доцнење, 22- та седница на советот започна со барање на секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, од дневен ред да се повлечат точките кои се однесуваат на одлуката на УО на ЈП Билјанини извори за изработка на физибилити студија и предлог одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за имплементација на електронски систем за организирање и наплата за паркирање на јавните паркинг простори.

Како причина за повлекување на точките од дневен ред секретарот Спасески го наведе  тоа што изработувачите на физибилити студијата, поради дефект на возилото не можеле навреме да стигнат на седницата во Охрид.

На изнесеното објаснување од Спасески реагираше опозицијата во советот која истакна дека повлекувањето на точките бил очекуван потег.

 

Како опозиција се чудевме како толку непопуларна точка ќе ја стават на дневен ред пред избори и сега ја повлекоа. Беа против профитот кој го остварува ЈП Билјанини извори со паркинзите, сега истите тие тврдат дека повторно може да се воспостави јавно приватно партнерство. Паркинзите се профитабилна дејност,а за објаснувањето дека не функционира наплатата тоа е одговорност на менаџментот, рече советникот од ЛДП, Дејан Блажески.

За координатот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, причина за одлагање на точките од дневен ред се проблемите во редовите на советничкото мнозинство, а не недоаѓањето на изработувачите на физибилити студијата.

Добро е што опозицијата денес е тука, бидејќи тоа ќе беше оправдување што се повлекуваат точките. Сега изготвувачите доцнат, ние рековме дека ќе почекаме да дојдат, кола да пратеа до сега ќе ги донесеше и ќе се расправаше на седницата. Очигледно проблемот е во редовите на советничкото мнозинство, како што и беше изнесено на прес конференциите на опозицијата. Се работи за идентичен модел на јавно приватно партнерство кој беше воспоставен со екс власта, а новата власт веднаш ги стави под знак прашање договорите за концесија и закуп кои потоа беа и укинати. Јавноста беше убедувана дека јавното претпријатие треба да стопанисува со паркинзите и дека секаков вид јавно приватно партнерство е штетно, рече Тунтев.

Според советникот од ВМРО- НП, Јоне Станкоски, точките се повлечени поради стравот кај актуелната власт од губење на гласови на претстојните избори.

ВМРО- ДПМНЕ ги доби локалните избори во најголем дел поради случувањата со паркинзите. Кога се носеше одлуката и јас дадов подршка и сега јавно се извинувам дека донесовме погрешна одлука за давање на паркинзите на приватен концесионер, што ја плативме на последните избори. Очигледно дека стравот од губење гласови ја принуди позицијата да ги повлече точките, но останува сигурно дека по изборите оваа нивна идеја ќе ја заокружат, со што губат граѓаните и јавното претпријатие, истакна Станкоски.

Според секретарот Спасески изнесените обвинувања се тенденциозни и неиздржани.

Изработувачите на физибилити студијата поради технички проблем не можеа да пристигнат на седницата, а советниците уште на почетокот на својот мандат воспоставија пракса дека оној кој ја изработува физбилити студијата треба да е присутен, во случај советниците и јавноста да имаат потреба да поставуваат прашања. Водејќи се од таа пракса и што и после еден час доцнење, изработувачите од Скопје не пристигнаа, одлучивме да ги одложиме точките од дневен ред. Апсолутно негирам дека тоа има било каква врска со изборите , рече секретарот Спасески.

На денешната 22- ра седница на советот се расправаше и околу висината на надоместокот на услугите кои ги вршат јавните претпријатија, физибилити студијата  за ЈП Градски Пазар Охрид, како и за предлог одлуката за  измена на  одлуката  за започнување на постапка  за доделување на  договор  за  воспоставување  на  јавно приватно партнерство за изградба на затворен зелен пазар. Пред советниците , се најде и предлог одлуката за донесување на  Правилник  за  субвенционирање  на  туристичката такса на  вршителите на  угостителска дејност од мал обем, како и над 30 точки на дневен ред од урбанистичката сфера, односно за потребата од донесување на урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти во Охрид и охридско.

Т.К.