Првото судско рочиште од повторениот судски процес  за трагичната несреќа на струшкиот шанк во комплексот „Пливалиште“ во која лани загинаа тројца стружани, денеска не се одржа во Основниот суд во Струга. Причината за одложување на обновениот процес била професионалната зафатеност на адвокатите од одрбраната.

Овој судски предмет беше вратен на повторно судење откако Апелацискиот суд во Битола ја укина претходната пресудата и ја уважи жалбата на бранителите на обвинетите.

Според решението на Апелациониот суд во Битола, првостепениот суд недоволно ја утврдил фактичката положба, а немало ниту образложение какви дејствија поединечно презеле обвинетите Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески. Во обновената постапка првостепениот суд ќе мора да изведе дополнителни докази при донесувањето на пресудата.

Косопствениците на летниот шанк беа прогласени за виновни за тешки дела против општата безбедност. Вранишковски доби казна од четири години затвор, Јанески беше осуден на три години и четири месеци затвор, а Миладиновски доби тригодишна затворска казна.

Во несреќата што се случи на 11 септември лани настрадаа тројцата долгогодишни пријатели, лекарите Јосиф Докоски (56) и Киро Ѓоргоноски (57), како и Јоско Кувенџиески (48). Вештачењето по трагичниот настан покажа дека нестручно и непрописно изведување на електричната инсталација на објектот било причина за несреќата. Струјниот удар се случил поради необезбеден кабел што поминувал под теписонот на отворената тераса на кафе-барот „Пливалиште“ во центарот на Струга.

OhridNews