Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“ на официјална пресконференција ја откри тајната од загадочната видео порака „И јас сум дел од тоа“ во која учествуваа градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, докторите Баткоски и Манчески, познатата презентерка и косопственик на модниот бренд „Румор“ Лејла Гогова, Кате Бујароска и дизајнерката Марта Пејовска.
Се работи за атлетска трка на 5 и 10 километри која ќе се одржи на 4 јуни во недела низ улиците на градот Охрид. Патеката долга 5 километри ќе биде за рекреативци, додека десекилометарската делница ќе биде со натпреварувачки карактер.
– Сакам да им се заблагодарам на охридските медиуми за несебичната и професионалната поддршка во кампањата „И јас сум дел од тоа“ која предизвика лавина реакции и љубопитност. Од самото формирање на Асоцијацијата овој спортски проект ни беше зацртан, а денеска со големо задоволство го најавуваме и убедени сме дека ова ќе биде успешен почеток на една долга традиција во Охрид. Зошто се одлучивме за „Охрид трчат“, самото лого и мотото кажува се. Трчањето е основа на секој спорт, а докторите секогаш го преферираат за причина на добар и здрав психофизички живот. – рече првиот човек на Асоцијацијата за спортови, Иван Цветкоски.
Тој додаде околу кампањата за атлетската трка која започна со видео пораките „И јас сум дел од тоа“. – Голем дел од нашите граѓани се интересираа за што се работи и каква порака се крие. Уште еднаш ќе напоменам дека со помош од охридските медиуми успеавме да го постигниме ефектот и да ја промовираме атлетската трка повеќе од успешно. Исто така сакам да го пофалам тимот кој макотрпно работи позади сцената за успешна атлетска трка. Настанот нема да биде само на денот од трката, туку четири дена претходно. Ќе имаме забавен дел, на ден пред трката официјална промоција на учесниците и подигање на стартните броеви.
Еден од активните учесници во видео кампањата беше градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески кој исто така беше дел од официјално промовирање на „Охрид трчат“.
– Веднаш би сакал да го изразам моето огромно задоволство за успешниот тек на подготовките за оваа кампања и за целокупната организација за атлетската трка „Охрид трчат“. Сето ова се случи неодамна кога преставниците од Асоцијацијата, Цветкоски и Јоне Станкоски дојдоа во мојата работна канцеларија да ја презентираат идејата со цел да добијат поддршката од Општината. Ќе бидам искрен не го кријам воодушевувањето од презентацијата и идејата за манифестацијата. Претпоставив и не згрешив дека целите кои ги имаат организитарите се од големо значење не само за спортот во Охрид, туку и за промоција на градот како туристички бренд во нашата земја. Вредноста на овој е проект е многу голема, бидејќи треба да се крене нивото на свесност кај граѓаните на Охрид, а особено кај помладите кои треба да бидат движечка сила на здравиот начин на живот. – изјави Бакрачески.
Техничкиот дел на атлетската трка, стартот и финишот за пет и десет километриската, начинот на пријавување и останатите работи ги објасни Антонио Донески.
– Пријавувањето за атлетската трка започна, а сите заинтересирани можат тоа да го направат на страната „smartrace.club“. Страницата на која се аплицира за учество опфаќа повеќе од 50 земји и очекуваме првото издание да го добие епитетот интернационално. Стартните патеки во првата година ќе бидат по промотивна цена. Пакетот за десекилометарската патека изнесува 500 денари, а за петкилометарската изнесува 300 денари. Стартните патеки вклучуваат чип за онлајн мерење на времето, брендиран нотес, магнет и пенкало со логото на „Охрид трчат“ и фотографија од градот и производи од нашите подржувачи. Стартот на 5 и 10 километарската трка ќе биде од плоштадот „Св. Климент Охридски“, а и целта. Учесниците ќе трчаат по улиците „Македонски просветители“ „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, на Булеварот „Туристичка“, во стариот дел на градот, „Илинденска“ и на кејот од Охридското езеро. Во текот на трката свои пунктови ќе има Црвениот Крст од Охрид, а и освежителни пунктови на кои ќе има вода и суво и свежо овошје. На целта ќе се прогласуваат победниците во 5 километарската и 10 километарската трка, а ќе има и забава и ќе биде вистинсо уживање за сите посетители и учесници секако. Целиот настан ќе се емитува во живо на нашиот јутјуб канал и официјален фејсбук профил, а исто така и медиумите ќе ги има на секаде од трката. Наградниот фонд за 10 километарската трка е скромен од 500 евра, додека во рекреативниот дел од трката на 5 километри имаме големи изненадувања за компаниите кои ќе пријават четири или повеќе учесници. – потенцираше Донески.
Крајниот рок за пријавување за учество на маратонот е 2 јуни исклучиво преку интернет сајтот „smartrace.club“.
Мх.П.