Долгогодишниот член на највисоките партиски структури и пратеник од Охрид Александар Николовски е избран за потпретседател на опозициската ВМРО ДПМНЕ. На седницата на Централниот  комитет на партијата за потпретседатели уште беа избрани и ексминистерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и Митко Јанчев. Нов генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ ќе биде Игор Јанушев.

Како што јавуваат медиумите во Скопје, на вечерашната седница Централниот комитет на партијата избран е нов состав на Извршниот комитет во кој ќе членуваат уште двајца охриѓани Трајко Славески и претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид Кирил Пецаков. Покрај нив членови во ИК уште се и претседателот Христијан Мицкоски, генералниот секретар, тројцата потпретседатели, како и  Силвана Ангелеска, Димитар Димовски, Дафина Стојаноска, Игор Божиновски, Цветан Трипуновски, Костадин Богданов, Ане Лашкоска, Бајрам Требишки, Владимир Неловски и Даниела Рангелова. 

Пратениците Илија Димовски, Антонијо Милошоски, како и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кои се спротивставија на изборот на Христијан Мицкоски за нов партиски лидер, не се повеќе дел од највисокото партиско раководство на ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews