На протестот што се одржа по врнежливо време, учесниците побараа одговорност од охридскиот градоначалник за актуелните случувања во „Проаква“ и покачувањето на цената, што, како што беше речено, ќе се одрази на стандардот на граѓаните.
-Бараме да се стопира процесот на продажба на Проаква на странски партнери затоа што со тоа се загрозува Охридското Езеро и природните ресурси. Исто така бараме градоначалникот да се повлече од преговорите и да не си обезбедува лична корист од овој чин на сметка на граѓаните, истакна Славчо Ристески, портпарол на невладината „Христо Узунов“
Протестот што го организираше здружението на граѓани „Христо Узунов“ го подржаа и членови на Студенстки парламент при ФТОН. Младите истакнаа дека поскапувањето на водата е сериозен удар и врз студентскиот стандард и врз нивните семејства и порачаа дека младата генерација нема намера да плаќа заради непромислената политичка одлука на оваа локална власт и Градоначалник.
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, истакна дека адресата на протестот е погрешна и дека тој требало да се одржи пред зградата на владата, која според него е одговорна за покачување на цената на водата, бидејќи се обврзала на тоа со договор склучен со Европската банка за реконструкција на водоводните системи во Охрид и Струга пред повеќе од 10 години.