Триесетина дрвени крстови од православните гробишта во Лабуништа се искршени изминатата ноќ.
Како што информираат од СВР Охрид, непознати сторители ноќеска ги извадиле дрвените крстови од триесетина гробни места, ги донеле пред црквата „Св. Никола“ и таму ги искршиле.
Полицијата изврши увид на местото на настанот и трага по сторителите на овој вандалски чин.
Отец Ристо Наумоски, старешина во црквата Св. Никола, изјави дека утрово добил дојава од свештенослужителите за немилиот настан, кој, како што рече заслужува секаква осуда.
-Сликата беше непријатна, можам да кажам морбидна. Дрвените крстови од гробовите беа расфрлани наоколу, а дел најдовме и надвор од црквата. Која е позадината и намерата, ќе покаже времето, но треба да ги оставиме надлежните институции да го расветлат случајот, рече отец Наумоски.
Тој истакна дека материјалната штета не е голема, но причинета е духовна болка на православните верници, затоа што се работи за свето место. Отец Наумоски подвлече дека соживотот во Лабуништа е добар и затоа институциите треба што поскоро да ги најдат сторителите на овој вандалски чин.
– Господ Исус Христос е љубов и љубовта треба да ја негуваме, почитуваме и да ја искажуваме сите, ни Мухамед не рекол да се осквернави нешто, да се пали, треба да имаме соживот сите. Ги советувам моите православни верници да останат мирни и да не наседнуваат на провокации, рече отец Наумоски.
Кој не сака соживот во Лабуништа?
На почетокот на годинава црквата „Св. Никола“ исто така беше мета на вандали кои ги опожарија помошните простории од објектот, но благодарение на брзата интервенција на противпожарната единица од Струга и присебноста на дел од локалните жители црквата беше спасена.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com