Повеќе села во Струшко се отсечени во снежното невреме што ја зафати земјава. Снежната покривка во Охрид изнесува 17 сантиметри, а во планинските делови во охридско и струшко двојно и повеќе, што го отежнува расчистувањето на локалните патишта.


Со механизација се расчистуваат локалните патишта во Дебрца

Според информациите од Центарот за управување со кризи во охридскиот регион не се забележани проблеми со електро и водоснабдување. Патот до Св. Наум е прооден но не е целосно расчистен. На терен се екипи од Македонија пат.

Во општина Дебрца според најновите информации на локалната самоуправа пробиени се сите локални патишта. Интензивно се работело во текот на вечерта а службите успеале да го пробијат патот и до селото Мраморец.

-Екипи на локалната самоуправа го расчистија и регионалниот пат од Ботун до Брежани, што инаку е обврска на Македонија пат. – информираат од општина Дебрца.

Во струшко според последните информации непроодни се патиштата до Вишни, Горна Белица, Модрич, Дренок, Мали Влај, Брчево, Присовјани, Тоска, Збажди, Локов…

Се прават напори да се пробие патот кон Нерези, Горно и Долно Луково и Пискупштина.

Од АД Галеб Охрид јавуваат дека сообраќајот на сите меѓуградски и меѓународни линии се одвива редовно, но со мали задоцнувања поради лошите услови на патиштата. На автопатот Скопје – Велес сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а отежнато се одвива сообраќајот и на планинските превои Стража, Пресека, Буково, Ѓавато и Плетвар. Проблем има во сдоседна Србија, каде е затворен автопатот Ниш – Белград, поради што автобусот на Галеб кој вчера тргнал за Белград со часови стои во Ниш. Патниците се на безбедно и топло, информираат од компанијата.

Снегот го отежна одвивањето на сообраќајот и на локалните шатишта кои се уште се расчистуваат. И натаму јавниот превоз не сообраќа до Св. Наум поради лошите услови на патот. Патниците засега се превезуваат само до Трпејца.

OhridNews