Вистинско емотивно патување низ најпознатите оперски арии на Џузепе Верди и подарија на публиката, оперската дива Барбара Фритоли и еден од најголемите светски баритони Лео Нучи, во рамки на вчерашното свечено отворање на 54-то издание на фестивалот Охридско лето.
Беспрекорните оперски изведби на овие врвни италјански уметници беа надополнети со моќната музичка придружба на Македонската филхармонија раководена од диригентската палка на маестро Луис Горелик од Аргентина.
Љубителите на уметноста, кои до последно место го исполнија Античкиот театар можеа да уживаат во избраниот музички колаж од оперите „Травијата“, „Моќта на судбината“, „Дон Карло“, „Симон Боканегра“ и „Сицилиска вечерна“.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој по традиција е покровител на оваа најголема музичко сценска манифестација.
-Вечерва сме тука, во нашиот древен Охрид, бидејќи веруваме дека моќта на музиката и уметноста може да го промени и да го облагороди човекот, а со тоа и светот и векот во кој живееме. Како ретко кој човечки феномен, уметноста има способност да ја изрази вистината за човековата душа. Вистина која иако не се изговара, сепак не смее да се премолчи – дека од искона луѓето имале творечки дух кој им овозможува и кога се слаби да бидат силни и кога се сиромашни да бидат богати и кога се во пранги да бидат слободни, рече Иванов во своето обраќање пред присутните.
Тој истакна дека фестивалот Охридско лето прераснал во современа уметничка „Виа Игнатиа“ која одново го поврзува Охрид и Македонија со Европа и Светот.
-Тоа е „Виа Игнатиа“ по која чекорат врвни домашни и странски уметници кои со моќта на звукот, танцот, зборот и сликата ги менуваат нашите срца и нашите мисли, а со тоа и нашиот светоглед, потенцираше Иванов.
Во име на уметниците пред публиката се обрати македонската оперска певица Милка Ефтимова.
-Фестивалот Охридско лето за нас македонските уметници е особено драг би рекла скапоцен. Тој отсекогаш претставуваше предизвик и мерило за нашите достигнувања и поверка на нашата уметничка зрелост. Настапот на овој фестивал отсекогаш го сметавме за посебна чест и се боревме се докажувавме за право да станеме дел од Охридско лето. Многумина од нас токму на Охридско лето му ги должат најубавите моменти од својата музичка кариера, рече Ефтимова.
Честа да го запалат фестивалскиот оган и да го подигнат фестивалското знаме оваа година им припадна на првата генерација вработени во фестивалот „Охридско лето“ , Весела Ристеска и Траиче Наумоски.
Пред почетокот на вечерашниот гала концерт со едноминутно молчење публиката им оддаде почит на загинатите пилоти на МВР кои пред два дена ги загубија животите во хеликоптерската несреќа во близина на Струмица. Во име на уметниците жалење за загубата изрази диригентот Горелик, кој истакна дека концертот го посветуваат на трагично загинатите.
OhridNews
фото: Емилио