Пожарот што денеска избувна во месноста ,,Дебело поле” во близина на охридското село Лакочереј сеуште е активен но не постои опасност од негово проширување. Командирот на Противпожарната единица од Охрид, Спасе Прентоски во телефонскиот разговор не информираше дека пожарот е ставен под контрола, а во гасењето на огнот се вклучени три противпожарни возила и десетина пожарникари, кои сеуште се на терен.


-Опожарена е голема површина на сува ниска вегетација и трска па потребно е подолго време истата да се изгасне.  Овој предел е живелиште на многу видови диви птици, па постои сомневање дека пожарот е подметнат намерно од страна на ловџии, кои подоцна истите ги ловат, но не ја исклучуваме можноста, пожарот да  е предизвикан од несовесните граѓани, кои во овој период од годината палат стрништа, рече Прентоски.

Тој нагласи дека пожарот не претставува опасност за објектите, кои се во негова непосредна близина.



Инаку ова не е прв пат да избувне пожар во пределот на ,,Дебело поле”, а речиси секогаш причина е човечки фактор.

OhridNews