Ние имаме 60 илјади граѓани против одлуката за притвор за Сашо Василевски бидејќи толку граѓани гласале за него, рече адвокатот Александар Новакоски на денешната јавна седница во Апелациониот суд, пренесува „Макфакс“.

„Гарантирам дека Василевски редовно ќе се јавува во судот“, рече адвокатот и додаде дека Судот ја прекршил постапката за одземање на имунитет на Василевски.

„Не сакам да бидам сентиментален, но го познавам човекот 40 години. Ако сакал, Василевски имал 8 месеци и можел да избега. Сашо се врати од Бугарија кога дозна дека е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Пратеникот на 27.04 бил на работното место, тој морал да биде во Собранието“, рече Новакоски, кој додаде дека незаконски бил и претресот во домот на пратеникот.

Како што рече адвокатот, Сашо не е казнет ниту за сообраќаен прекршок и тој не е во можност да го повтори кривичното дело. Тој побара укинување на притворот и даде гаранција дека Василевски редовно ќе се јавува во судот.

Наталија Тасевска од Вишото јавно обвинителство рече дека бара притворот да остане затоа што, како што рече, Василевски може да влијае врз сведоците и да преземе дејствија со кои ќе ја отежне истрагата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ кој се наоѓа во притвор за „крвавиот четврток“ не се појави на јавната седница во Апелациониот суд.

Инаку, Апелациониот суд Скопје, по одржаните јавни и нејавни седници на 10.1.2018 година и 11.1.2018 година донесе одлуки со кои ги одби како неосновани жалбите на обвинетите и ги потврди решенијата на Основниот суд Скопје 1 Скопје донесени во рамки на предметите во врска со настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година и тоа за обвинетите Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Владо Јовановски, Митко Чавков, Игор Дурловски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Раудлов, Богдан Илиевски и Илија Славевски.

OhridNews
Макфакс