Од попладнево, наставата во паралелката од прво одделение во подрачното училиште „ Григор Прличев“ во Рача продолжува со нов наставник, кој до крајот на второто полугодие ќе се финансира со средства од локалната самоуправа.
– Овој проблем го решаваме веќе неколку месеци со помош на локалната самоуправа и министерството за образование. Кадар имавме, но проблем беа финансиите, бидејќи на средина од учебната година не може министерството за финансии да одобри средства за плата за отварање на ново работно место. Затоа, наставникот кој до крајот на учебната година ќе ја држи наставата ќе се плаќа со средства од локалната самоуправа, а потоа се надевам проблемот со помош на надлежните министерства и трајно ќе биде решен, вели директорката на ОУ „Григор Прличев“, Силва Мојсоска.
Претходно,незадоволните родители реагираа што нивните првоодделенци во второто полугодие наставата почнаа да ја следат во комбинирана паралелка со ученици од петто одделение. Поради тоа, во текот на вчерашниот ден, дел од учениците ја бојкотираа наставата .
– Комбинирани паралелки во Рача не се практикуваат од пред 15 години. Вниманието кое наставникот ќе им го посветува на учениците во ваква паралелка не е еднакво доколу наставата се одвива во нормална паралелка, сметаа родителите.
Во паралелката од прво одделение во Рача наставата ја следат 11 ученици.
Т.Кувенџиска