Премиера на театарската претстава „Мали vs ГОЛЕМ“ во изведба на детското драмско студио „ДрамаКидЗ“, кое работи во рамки на НУЦК „Григор Прличев“ Охрид е закажана во четврток со почеток во 20 часот.

Театарската претстава е коавторско дело на драматургот Кристина Тодороска Петреска и режисерот Ирена Стеријовска, а обработува теми од секојдневието на младите личности нивниот глас и размислувања, наспроти образовниот систем и воопшто светот на возрасните.

Како ментори на „ДрамаКидЗ“, авторите во текстот и во самата изведба инкорпорираат мислења, ставови и темпераменти, кои се автентични за самите членови на студиото, па така ова театарско дело, иако жанровски фикционално, обелоденува многу вистини за светогледот на децата, во едни несигурни и неприлагодени општествени контексти, информираат од Драмското студио.

Репризата на претставата е закажана во петок на 7-ми април, а истата ќе се игра и во текот на целата репертоарна сезона.

Инаку, „ДрамаКидЗ“ започна со работа од октомври 2022 година и брои 26 членови од 3то до 8мо одделение. Со нив работат професионалци, членови на ансамблот на НТО и тоа драматурзите Зоран Пејковски и Кристина Т. Петреска, режисерите Ирена Стеријовска и Ѓорѓи Ризески, како и актерите Филип Кипровски, Павел Маслов и Стрезо Стаматовски. Координатор на Драмското студио е Зоран Левески, стручен соработник за драмска дејност при НУЦК „Григор Прличев“.

OhridNews