Мртвото тело кое беше пронајдено во месноста „Натнасер бачила“ во атарот на охридското село Велмеј и припаѓа на 14-годишната Маја Блажеска од Лешани. Ова за OhridNews, официјално го потврди потпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски. Тој истакна дека точниот идентитет на девојчето е утврден со обдукцијата што беше извршена во текот на  вчерашниот ден.

 -На безживотното тело не се забележани траги на насилство. Од досегашните информации со кои располагаме од обдукцискиот наод најверојатно причина за смртта е хипотермија, односно губење на телесната топлина како резултат на подолготрајна изложеност на екстремно ниски температури кои што владееле на тоа подрачје. Се работи за висок планински предел на надморска висина од околу 1500 метри.-изјави портпаролот Домовски.

Кога точно настапила смртта и како девојчето се нашло во планинскиот предел, се’ уште не е познато и дополнително ќе се истражува, посочи Димовски. Портпаролот на СВР Охрид истакна дека полицијата и натаму ќе остане фокусирана на случајот со цел расветлување на сите околности кои доведоа до трагедијата.

Тука нашите активности не завршуваат, ние ќе треба комплетно да ги расветлиоме сите аспекти. Малолетната девојка имала одреени контакти и запознавање со момче во Скопје, што како информација ние ја споделивме со јавноста. Што всушност се случило, како се нашла на тој висок планински предел, ќе треба дополнително да се утврдат тие моменти со цел настанот да добие конечен епилог.-истакна портпаролот Димовски.

Телото на Маја која се водеше како исчезната околу еден месец, беше пронајдено пред два дена во атарот на селото Велмеј, при големата потрага спроведена по наредба на јавен обвинител од Охрид.

-СВР Охрид презеде голем број мерки со цел пронаоѓање на исчезнатото девојче. За цело време бевме во контакт со семејствето на исчезнатата и предовме широки активности на територијата на Дебарца, каде во месноста „Натнасер бачила“ пред два дена го пронајдовме безживотното тело. Изразуваме жалење за трагичниот исход од овој настан.-рече Домовски.

Маја Блажеска како исчезната се водеше од 12-ти ноември, а по неа беше распишана и меѓународна потерница.

OhridNews