Во охридската полиција пријавен е случај на кражба на златен накит од почината повозрасна охриѓанка во Општата болница во Охрид. Роднините се сомневаат дека кражбата е извршена од страна на вработен болничар, кој на ваквите обвинувања одговорил дека жената била примена без накит.
Сакајќи што побрзо да се ослободи од „пленот“, лицето кое го украло накитот отишло во една од златарите во охридската чаршија каде се обидело да го продаде. По игра на случајот, во продавницата работела внука на починатата жена која веднаш го препознала накитот и случајот бил пријавен во полиција.
Од СВР Охрид за OhridNews потврдија дека од страна на внуката е поднесена пријава за кражба на златен накит, но дека истрагата се води против непознат сторител.
На социјалните мрежи веќе се појавија реакции од блиски роднини на починатата кои револтирано коментираат и бараат надлежните веднаш да го испитаат случајот и лицето да сноси одговорност за извршената кражба.
Т.Кувенџиска












