
Според портпаролот Иво Котевски, најверојатно се работи за прв случај на шпионажа не само во Република Македонија, туку и во регионот. Инаку, лицата се осомничени за шпионажа, злосторничко здружување, уцена и измама.
Според првичните информации, тие соработувале со странски безбедносни служби, оддавале државни тајни и класифицирани информации со различен степен. Работеле и со уцени и измами, а дел од осомничените обезбедувале податоци за лица од јавниот живот и бизнис-заедницата и со закани изнудувале пари.
Од МВР потврдуваат дека се уште се вршат претреси. Од притворените има вработени двајца во Агенцијата за разузнавање, во Собранието, актуелни и поранешни вработени во МВР, во Одбраната, Државниот архив, Управата за финансиско разузнавање, но и во приватни фирми. Портпаролот на МВР Котевски нагласи дека обезбедена е обемна документација и на случајот се уште се работи.
Во текот на денот, медиумите јавија дека меѓу приведените се и Марјан Маџоски, шеф на кабинет на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, Борис Дамовски, од продукцијата „Контрабанда“ Ване Цветанов, екс директор на Агенција против перење пари, генерал Горан Стојков и Александар Диневски поранешен функционер од Агенцијата за разузнавање.
OhridNews
извор:Телма











