Голема сличност постои помеѓу андроид апликацијата за Охрид и иста таква апликација за промоција на туристичките знаменитости на главниот град на Србија Белград. На оваа тема денеска се води дебата на социјалните мрежи, во која се посочува големата сличност на апликациите на Охрид и Белград. И двете можат да се најдат во „google play store“.


Упатени во IT технологијата, укажуваат дека апликацијата е од типот (free for use) апликациии кои се слободни за користење и дека нема ништо спорно во нивната употреба за иста цел на различни места,  посочувајќи дека вакви апликации има за секој град. Дел од нив посочуваат дека најбитно од се е  содржината на апликацијата и нејзината функционалност.

Апликацијата која пак денеска беше промовирана во Секторот за туризам и локален економски развој, а ја изработи Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ во соработка со  Факултетот за туризам и угостителство, е сосема друга апликација, објаснуваат од ФИНКИ, демантирајќи одредени наводи објавени на интернет за сличност на оваа со друга апликација, во случајот со таа на Белград. Оттаму информираат дека апликацијата која ја развиваше оваа високообразовна институција, не е иста како таа за која се дебатира на социјалните мрежи, односно споредената со веќе постоечка Андроид апликација за Белград.

-Апликацијата која се споредува ја има за секој град во светот и всушност се споредува нејзина Охридска и Белградска верзија. Таа апликација е изработена од „GPS myCity/com inc’. Оваа апликација нема никаква врска со апликацијата „MKGuide“ промивирана од ФИНКИ при УКИМ. Се работи за сосема трета апликација, која меѓу другото нуди и збогатена реалност, карактеристика која ја нема во апликациите „CityWalk“.-велат од ФИНКИ.

Посетителите во Охрид со користење на интернет апликацијата изработена од ФИНКИ при УКИМ, ќе имаат можност кога се движат низ градот покрај реалната слика која се добива низ камерата на телефонот, околу самиот објект да добијат и дополнителни информации за објектот што во моментот е во кадар на телефонот. Освен оваа можност, телефонот може да понуди и во било кое време галерии, текстови и содржини за сите знаменитости, во кој правец да се движите, а апликацијата има македонска и англиска верзија, информираа изготвувачите на апликацијата.

Општина Охрид оваа апликација ја доби на подарок и ќе ја искористи за промоција на позначајните археолошки локалитети и културно- историски споменици во Охрид, информираат од Секторот за туризам и локален економски развој.