Политичката криза ги зафати и образовните институции во Охрид. Утрово ученици од средното техничко училиште ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, според нивни зборови, спонтано ги напуштиле училишните клупи и се придружија на протестите за, како што рекоа, зачувување на унитарноста на државата, а против двојазичност и федерализација, за што инаку веќе трета недела протестира движењето „За заедничка Македонија“.

Средношколците од овие две училишта најпрвин се упатија кон охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, од каде, според нивните тврдења, им се приклучиле неколкумина ученици, а потоа во средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“, каде набрзо пристигна и полицијата. И од ова училиште неколкумина ученици се приклучиле на протестот, рекоа учесниците. 

Стотина среднишколци со знамиња и скандирања се упатија кон градскиот плоштад, каде ги истакнаа своите барања дека се за зачувување на унитарниот карактер на државата и ја поддржуваат политиката на претседателот Иванов.

Сами се организиравме за да се заштити Македонија. Нема да се плашиме ќе ја подржуваме Македонија, за оваа татковина се имаат пролеано многу капки крв.

– Протестираме за нашиот јазик, знаме и химна да си останат. Ако сакаат и неоправдани изостаноци нека пишуваат, нашето оправдание е Македонија. Некои од директорите на училиштата не подржуваат, некои не. 

– Тука сме за заедничка Македонија и не сме за платформата од Тирана, а странците да не вршат притисок врз претседателот Иванов, бидејќи Заев сака Македонија да ја направи голема Албанија, нема да му дозволиме, изјавија дел од учесниците на протестот. 

Охридските средношколци најавија дека со протести ќе продолжат во среда.

OhridNews