Присутните на протестот побараа некој да понесе одговорност за тоа што Охрид нема болница и поради досегашниот тек на активностите околу реконструкцијата на болницата.
-Бараме да сносат одговорност сите инволвирани во овој невиден здравствен скандал и оставањето на 60000 охриѓани без соодветна здравствена заштита, истакна Маре Ристеска од невладината „Младински центар“, организатор на протестот.
Протестот го поддржа и градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески.
– За Охрид и охриѓани многу подобро ќе беше доколку се прифатеше нашиот предлог да се изгради ново болничко крило, наместо да се врши реконструкција, поради која граѓаните се принудени да бараат здравствена помош во околните градови, рече Петрески.
Според министерот за здравство, Никола Тодоров, протестот е непотребен затоа што министерството ги превзема сите потребни чекори со цел во најкраток можен рок да се заврши реконструкцијата на охридската Општа болница. Тој посочи дека во минатиот период имало одредени проблеми поради кои бил распишан нов тендер на кој се пријавени две компании.
– Наскоро ќе се одржи и јавна лицитација на која ќе биде избран нов изведувач. Целата процедура очекуваме да заврши до крај на месецов, а во рок од 8 месеци изведувачот кој ќе ја добие работата да ја изгради болницата и да ја пушти во употреба, рече Тодоров.
Денешниот протест помина мирно, без инциденти. За време на одржувањето се пропуштаа пациенти и возилата за итна помош.